Здравство

Расте бројот на деца со дијабетес, раната дијагностика е клучна

16.11.2024 17:13

Расте бројот на деца со дијабетес. Лекарите од Детска клиника со апел до матичните да бидат поажурни и навреме да постават дијагноза. Пациентите бараат поголема достапност на глукомерите и лентите...

„Користам сензор, активен сум физички, само да не ми се качи шеќерот“, вели Петар Темелковски.

Деветгодишниот Петар успешно се бори со дијабетес тип 1, наместо да се боцка по 10 пати на ден, шеќерот во крвта го мери со сензор. Ова заболување станува се поприсутно во раната возраст. Од Клиниката за Детски болести, апелираат до матичните педијатри, навреме да ја дијагностицираат болеста, за да се спречат компликации.

„После Ковидот се појавија пациенти со дијабетес тип 2 што е ретка состојба и сме ја немале порано кај децата, посебно тоа се случува кај покрупните со поголема телесна тежина, адолесценти. Тоа навистина малку не зачудува“, проф. д-р – Марина Крстевска Константинова, педијатар ендокринолог.

Сензори за мерење шеќер користат 650 граѓани, најголем дел се наменети за децата – Здруженијата бараат услов да не биде возраста.

„За пет до десет години многу повеќе средства ќе заштедиме од лекување и третирање на компликации од дијабетесот кои неминовно настануваат посебно кај лицата со тип 1 дијабетес доколку се користат сензори со кои што се подобрува контролата која е клучна во спречување на компликациите“, изјави Цвете Серафимовски – Здружение на дијабетичари Баланс МК.

Лековите кои спречуваат компликации во мал број ги има на позитивната листа, центри за дијабетес има само во главниот град.

„Сакаме што поскоро таа терапија наместо да ја купуваме приватно која е многу скапа, а ја има во нашите аптеки, да биде час поскоро во 2025 година да биде ставена на позитивната листа“, изјави Диме Велев – претседател на Сојуз на здруженија на дијабетичари.

„Веќе сме во преговори со Министерството за здравство и со Фондот центрите да се зголемат, за да можат пациентите да имаат пристап до докторите“, изјави д-р Танер Хасан – директор на Клиниката за ендокринологија.

„Мислам дека до крајот на годината ќе излеземе со детали околу проширување на програмите“, рече Јовица Андоновски – заменик – министер за здравство.

Лекарите повикуваат на поголема грижа за здравјето, контрола на тежината и поголема физичка активност за спречување на оваа болест.

 

Андријана Ѓурческа