Свет

Кина отвора ново поглавје на соработка со администрацијата на Трамп

17.11.2024 12:46

Шефот на Белата куќа за последен пат пред да ја напушти функцијата, се сретна со кинескиот колега пред Шји Џјинпинг на маргините на самитот на АПЕК. Двајцата лидери констатирале дека кинеско-американските односи останале стабилни иако поминале низ подеми и падови. Шји му ветил на Бајден дека Пекинг е подготвен да соработува со новата администрација на новоизбраниот претседател Трамп. Перуанската претседателка тврди дека АПЕК ја исполнил целта...

Кинеско-американските односи останаа стабилни иако поминаа низ подеми и падови во изминатите четири години. Двете страни се ангажирани за дијалог и соработка, констатирано на состанокот Џјинпинг – Бајден на маргините на самитот на АПЕК во Перу. Шји му ветил на Бајден дека Пекинг е подготвен да соработува со новата администрација на новоизбраниот претседател Трамп.

„Ние не секогаш се согласувавме, но нашите разговори секогаш беа искрени. Никогаш не сме се шегувале еден со друг. Бевме на исто рамниште. Тоа е од витално значење. Овие разговори спречуваат погрешни пресметки и обезбедуваат конкуренцијата меѓу нашите две земји да не западне во конфликт. Тоа е наша одговорност кон нашиот народ“, изјави Џо Бајден, претседател на САД.

Кинеската економија е погодена од трговските мерки на Бајден, вклучително и планот за ограничување на американските инвестиции во кинеската вештачка интелигенција. Сепак двајцата претседатели согласни дека за употребата на нуклеарно оружје треба да одлучуваат луѓето, а не вештачката интелигенција. Кинескиот претседател, посочил дека двете земји треба да продолжат да го бараат вистинскиот начин да се согласуваат.

„Мал двор, висока ограда“ не е она што една голема земја треба да го следи. Само отвореноста и споделувањето може да ја подобрат благосостојбата на човештвото. Како две големи земји, Кина и САД треба да го имаат на ум интересот на целиот свет и да внесат поголема сигурност и позитивна енергија во турбулентниот свет“, изјави Шји Џјинпинг, претседател на Кина.

На состанокот разговарано и за Тајван и за Русија. Бајден на самитот во Лима се сретна и со претставник на Тајпеј. На маргините на самитот за Азиско-пацифичка економска соработка лидерите на Јужна Кореја, САД и Јапонија најавија формирање на Секретаријат за трилатерална соработка и ја осудија одлуката на Северна Кореја и Русија за проширување на војната во Украина. Перуанската претседателка тврди дека самитот ја исполнил целта.

„31. состанок на економските лидери на АПЕК, под претседавање на Перу имаше огромно влијание врз меѓународната позиционираност на нашата земја и зајакнувањето на надворешната политика на Перу во еден од најважните и најдинамичните региони, што е Азија-Пацифик“, изјави Дина Болуарте, претседателка на Перу.

АПЕК е првиот голем глобален самит по изборната победа на новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп. Според организаторите, годишниот собир обединува 21 економија што заедно сочинуваат речиси две третини од глобалниот БДП и половина од светската трговија.

 

Маријана Димовска