Финансии

Мицкоски и банките не се договорија за каматата на кредитите од унгарскиот заем, преговорите продолжуваат

17.11.2024 15:55

Банкарите и владата не се договориле за висината на каматата, преговорите продолжуваат. Интерес има, ставовите се приближуваат – уверува премиерот Мицкоски. Дефинирани роковите за враќање на парите, три години грејс период, 15 години на отплата...

Нема договор за висината на каматите, власта и банкарите на средбата ги дефинирале само роковите на отплата на парите што бизнисот ќе ги врати од унгарскиот кредит. Грејс период до три години и рок на отплата до 15 – се согласиле двете страни. Премиерот Мицкоски тврди дека ставовите се доближуваат, преговорите продолжуваат идната недела. Владата бара од комерцијалните банки да ја субвенционираат разликата од 3,25 отсто камата до реалната банкарска висина на камата и банкарските трошоци.

„Тие 3,25% ние како влада секако дека ќе ги платиме. Ние можеби за некоја година би издале и еврообврзница со која предвреме би го вратиле овој кредит, бидејќи знаеме дека таму немаме каматна стапка, можеби ќе најдеме други механизми. Целта е каматата којашто ќе ја понудат банките да биде што е можно пониска, за да може стопанството да добие пониска камата. Реално, банките имаат трошоци, но да видиме што може од нивните трошоци да се намали“, изјави Христијан Мицкоски – претседател на Влада.

Досега само една банка покажала интерес да учествува во субвенционирањето на каматата. Од Владата велат целта е да бидат вклучени сите за да можат фирмите да го земаат кредитот преку банката со која работат.

Бизнис секторот апелира дека му се потребни свежи пари за да биде поконкурентен, а последните случувања со Германија која е наш најголем трговски партнер може да биде дополнителен удар во работењето.

 

Андријана Ѓурческа