Скопје

Деца искршиле багер во Капиштец, Герасимовски повикува на свест и одговорност

17.11.2024 16:17

Малолетници во скопски Капиштец обиле багер, го возеле и удриле во паркирано возило. Уништени се кабли на системот за наводнување, направена е материјална штета-велат од Општина Центар...

Во паркот во Капиштец, малолетни лица обиле багер, го ставиле во функција и предизвикале штета на паркирано возило. Дополнително, уништени се каблите за системот за наводнување и направена е значителна материјална штета. Полицијата изврши увид и ги презема сите мерки за утврдување на одговорноста. Градоначалникот Горан Герасимовски апелира до родителите да разговараат со своите деца за сериозноста последиците на ваквото однесување.

„Преминати се сите граници! Оштетен е јавен и приватен имот. Нарушена е безбедноста и јавниот ред. Не смее да се дозволи уништување на јавниот и приватен имот. Ваквото однесување мора да запре пред да се случи и нешто полошо. Повикувам на свест и одговорност. Клучно е да соработуваме и комуницираме за да се спречат ваквите инциденти. Само со заедничко залагање ќе имаме мирни населби и сигурен живот за нашите граѓани“, напиша Герасимовски на социјална мрежа.

Овој инцидент доаѓа неколку месеци по обивањето и кражбата на општинскиот комунален пункт во Капиштец, како и по уништувањето на реквизитите на детските игралишта.

Општина Центар, во текот на летото, објави видеоснимки доставени од граѓани, на кои се гледаат сцени на деструкција, дивеење и загрижувачко однесување на млади лица на јавен простор во истата населба. Градоначалникот тогаш побара засилено присуство на полицијата на терен. По новиот инцидент, Герасимовски повторно потсетува дека безбедноста зависи од заедничкиот ангажман на граѓаните, Министерството за внатрешни работи и локалната самоуправа.

 

Александра Спировска