Словенија, европски лидер во рециклирање на отпад
Во Словенија само 5 проценти од отпадот завршува во депониите. Од останатиот дел од отпадот во оваа држава се произведува електрична енергија, гас, пластика, хартија. МТВ во посета на најголемата фабрика за рециклирање на отпад.

„Во Словенија ѓубрето е барана стока“ – со овие зборови не пречека Душан Марк, проектниот менаџер на Регионалниот центар за отпад во Љубљана и најсовремена фабрика во Европа за биолошки отпад.
Љубљана е првиот европски главен град што се обврза да стигне до нула отпад, но, пред 15 години целиот отпад одел директно во депонијата.
– Тоа е скапо, зазема простор и фрлате ресурси што можете да ги искористите – вели нашиот соговорник и додава – Затоа градот се одлучил за промени. Во 2002 година почнуваат со одвојувањето на хартија, стакло и пластика во контејнерите покрај улиците. Четири години подоцна, започнува собирање на биоразградлив отпад од врата на врата. Во оваа фабрика дневно пристигнуваат 250 до 350 камиони отпад, секако претходно селектиран се транспортира во одредените погони, каде почнува неговата обработка.
„На оваа страна се гледа механичкиот дел од фабриката каде се изведува механички процес, како дробење, сеење, транспортирање на отпад. Овде добиваме производи, т.н. лесна фракција, како хартија и некои други рециклатори“, вели Марк
Технологијата на биолошкиот отпад се нарекува анеоробна ферментација-објасни нашиот домаќин проектниот менаџер Душан Марк. Биолошкиот отпад без присуство на кислород се обработува во компост како финален производ.
Во погонот, т.н. срцето на фабриката дневно се рециклира над 2.000 тони отпад.
„Годишно овде се преработува околу 30.000 тони мешано и 170.000 тони биолошко ѓубре, а тоа е 75 килограми по личност“, вели Марк.
Што со останатиот дело од отпадот?
„Од одвоениот отпад произведуваме компост, а од црната канта до 10 проценти произведуваме рециклатории како хартија, пластика и некои метали со послаб квалитет, а најмногу 70 проценти произведуваме алтернативно гориво“, вели Марк.
Како котира Словенија во рециклирање на отпадот?
„Сигурен сум дека со фактот што 70 проценти селектираме отпад, бројките говорат дека сме на врвот во Европа. Би рекол дека сме прво место“, одговори Марк.
Регионалниот центар за управување со отпад е отворен во 2015 година. Денес користи природен гас за производство на сопствена топлина и електрична енергија, обработува 95 отсто од отпадот во материјали за рециклирање и цврсто гориво и испраќа помалку од 5 отсто на депонија. Македонската делегација предводена од министерот за локална самоуправа Златко Перински ја посети фабриката
„Ме информираа дека капацитетот на фабриката е 56 општини, а се однесува на обработка на ѓубре од околу 800.000 граѓани. Тоа што мене ме импресионираше е што од отпадот произведуваат био-гас, топлина, електрична енергија, Целиот комплекс е самоодржлив. За ова ќе дискутираме на Влада и на локално ниво како и ние да направиме вакво нешто“, изјави Златко Перинки, министер за локална самоуправа.
Службите за собирање на отпадот постојано се движат низ улиците. Специјални возила ги чистат улиците користејќи вода собрана од дождот и биоразградлив детергент, а на секој агол има посебни канти за отпадоци од хартија, пакувања и ѓубре.
Паркови во секој кварт, беспрекорно чисти улици и чист воздух како на планина-е тоа што ќе го помните кога си заминувате од Љубљана.
Марина Стојанова-Тонева
