Проруските бунтовници ги предадоа црните кутии
Претставникот на малезискиот совет за национална безбедност, полковникот Мохамед Сакри, пред новинарите истакна дека сите црни кутии се „во добра состојба“...

Лидерот на проруските бунтовници, Александар Бородај и ги предаде црните кутии на делегација од Малезија во Доњецк во присуство на околу 150 новинари. Двете страни потпишаа документ, кој Бородај го нарече „протокол со кој се финализира оваа процедура“.
„Црните кутии се вратени на сопствениците- малезијците. Ние штотуку потпишавме протокол во кој се вели дека Малезија че ги предаде кутиите на експерти од меѓународната цивилно-воздухопловна организација“, изјави Александар Бородај.
Претставникот на малезискиот совет за национална безбедност, полковникот Мохамед Сакри, пред новинарите истакна дека сите црни кутии се „во добра состојба“.
„Можам да видам дека црната кутија не е допрена иако е малку оштетена, но е во добра состојба“, изјави Мохамед Сакри, претставник на малезискиот совет.
Проруските бунтовници најавија прекин на огнот во радиус од 10 километри од местото на падот на леталото, со цел на меѓународните истражувачи да им се овозможи безбеден пристап.
Москва до сега ги негираше сите обвинувања од Киев за својата вмешаност во овој случај. Подготвеноста за соработка на бунтовниците е очигледно реакција на масовната меѓународна критика на досегашното однесување и на притисокот од Русија. Русија гласаше и за резолуцијата на советот за безбедност на ОН со која „најостро“ се осудува најверојатното соборување на авионот на летот МХ17 и се бара независна истрага. Освен тоа највисокото тело на ОН бара одговорните за соборувањето на Боингот на „Малезија Еирлајнс“ да бидат повикани на одговорност.
