Продолжува комисиската расправа за Предлог – буџетот за 2025 година
За Предлог–буџетот за 2025 година се поднесени вкупно 308 амандмани од кои 204 од опозициската СДСМ. Согласно законот, Буџетот за 2025 година треба да биде изгласан до 31 декември.

Во Собранието денеска треба да продолжи седницата на Комисијата за финансирање и буџет на која четврти ден на дневен ред е Предлог- буџетот за 2025 година.
Комисиската расправа за Предлог- буџетот трае 10 дена и треба да заврши најдоцна до 30 ноември по што продолжува на пленарна седница. За Предлог–буџетот за 2025 година се поднесени вкупно 308 амандмани од кои 204 од опозициската СДСМ. Согласно законот, Буџетот за 2025 година треба да биде изгласан до 31 декември.
Во текот на досегашната расправа, пратениците од власта сметаат оти Предлог – буџетот е развоен и ќе ги подобрува условите за живот на граѓаните, бидејќо се предвидува зголемување на пензиите, ќе се испочитуваат колективниот договор, а ќе има и покачување на платите во повеќе сектори.
Од опозицијата оценуваат дека нема да има подобар животен стандард на граѓаните, дека Предлог буџетот на Владата е манипулативен и нема никаква јасна визија, не е развоен туку трошковен, недомаќински, предизборен и предвидува нереален раст на БДП од 3,7 отсто.
Со Предлог-буџетот за 2025 година, вкупните приходи се планирани на ниво од 358,8 милијарди денари, а расходите на ниво од 400,2 милијарди денари. Буџетскиот дефицит е проектиран во апсолутен износ од 41.350 милиони денари или на ниво од 4 проценти од планираниот БДП, а се предвидува раст на економијата од 3,7 проценти.
