Воен конфликт

Состојбата е загрижувачка по одлуката на Бајден, велат експертите

18.11.2024 12:23

Последен обид за спас на тоа што може да се спаси во Украина – вака професорот по безбедност Методи Хаџи-Јанев ја толкува одлуката на американскиот претседател во заминување Џо Бајден. И тој предупредува дека ова го зголемува ризикот од ескалација на конфликтот…

Информациите за последната одлука на американскиот претседател во заминување Џо Бајден да ѝ дозволи на Украина да ги користи американските системи со долг дострел за напади длабоко на руска територија го зголемува ризикот од ескалација на војната во Украина – оценува универзитетскиот професор Методи Хаџи-Јанев. Според него, со ова демократите бараат последна шанса за спас на Украина, односно за Зеленски да добие подобра преговарачка позиција, имајќи ги предвид најавите од новоизбраниот претседател Трамп за намалување на американската поддршка за Украина.

„Последната одлука на Бајден претставува последен обид да се спаси она што може да се спаси во Украина, зошто најверојатно знаат дека следува потоп после ова, што од друга страна може да претставува сериозен проблем за зголемување на опасноста, во смисла на подигање на ризикот за тоа дека ќе има светска криза, или евентуален конфликт којшто може да ескалира во нуклеарен конфликт, ако секако за тоа се одлучи Путин. Во секој случај ова претставува тест проба со кој демократите бараат последна шанса за спас на Украина“, изјави професорот по безбедност Методи Хаџи-Јанев.

Рускиот претседател Путин веќе најави дека доколку некоја земја-членка на НАТО дозволи Украина да користи оружје за напади длабоко на руска територија, тоа може да доведе до директен судир меѓу Москва и западот.

„Видовме во неговите изјави, но не само тој, мене многу ме загрижува многу руската јавност којашто е високо наелектризирана по однос на можноста за употреба на оружје коишто досега не се видени, по однос на дејствија, капацитет, штета којашто може да ја направи, и тоа е особено загрижувачки. По буквар оди Третата Светска војна … вклучување на друга држава, најавите од Кина не се многу оптимистички. И тие велат дека будно ја следат состојбата, имаат каде да се вклучат, ќе размислуваат се надевам длабоко. Но, состојбата е прилично загрижувачка, ова е еден пресвртен момент со којшто не се соочивме досега“, вели експертот за безбедност, Никола Дујовски.

За да не ескалира конфликтот меѓу Русија и Украина во глобална војна, членови на кабинетот за транзиција на Трамп најавија можност да преиспитување на ваквата одлука на Бајден.

Ирина Гелевска