Советот на јавни обвинители го потврди решението на Коцевски за Хајрулахи
Членовите на Советот на јавните обвинители со седум гласови „за“ и едно издвоено мислење го потврдија решението на републичкиот обвинител, Љупчо Коцевски за суспензија на шефот на Вишото скопско обвинителство, Мустафа Хајрулахи...

Попладнево се одржа седница на Советот на јавни обвинители. На маса е жалбата на шефот на Вишото скопско обвинителство, Мустафа Хајрулахи, кој беше суспендиран од функцијата.
Членовите на Советот на јавните обвинители со седум гласови „за“ и едно издвоено мислење го потврдија решението на републичкиот обвинител, Љупчо Коцевски за суспензија на шефот на Вишото скопско обвинителство, Мустафа Хајрулахи.
По образложувањето на дневниот ред, на почетокот на седницата јавноста беше исклучена, со образложение дека на самата седница ќе се дискутира за делови од списите кои се дел од истрагата којашто се води против скопскиот обвинител.
За потсетување, првиот човек на Вишото јавно обвинителство Скопје, Мустафа Хајрулахи, кој е суспендиран од функцијата смета дека врз него се врши притисок. Го посочи републичкиот јавен обвинител Коцевски кој според него има цел да се влијае на актуелни предмети, меѓу кои и оној за бонусите на поранешните обвинители во поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО).
Јавното обвинителство, пак соопшти дека против Хајрулахи е отворена истрага. Го товари дека извршил малтретирање во вршење на службата и за злоупотреба на службената положба и овластување.
Известува Анита Димитријевска-Велковска
