Доброволно продолжување на работниот однос

22.07.2014 19:33

Ќе се продолжува работното ангажирање на доброволна основа. Мажите освен до 64, ќе можат да работат најмногу до 67 години, а жените најмногу до 65. Дали ќе работат уште една, две или пак три години ќе одлучуваат вработените, а не како досега работодавачите.

Квалитаттивно се зголемуваат работничките права, а моќта на одлучување за одењето в пензија минува кај работниците. За разлика од европските земји кои задолжително го зголемија прагот за пензионирање, кај нас тоа е на доброволна основа. Владата тврди дека новите измени се усогласени со синдикатите и работодавачите и нема да влијаат на трендот на намалување на невработеноста.

„Ќе продложи трендот на намалување на невработеноста во Република Македонија, ова е решение кое прелиминарно го разговаравме со синдикатите и работодавачите, би сакал тоа да го потенцирам, и од сите е поздравено како решение, бидејќи на работодавачите во еден дел ќе им помогне за лица коишто имаат одредени квалификации и коишто им се потребни уште година, две или три да ги задржат, а во меѓувреме преку тренинг обука, или слично да создаваат кадар коишто ќе ги замени после тоа“, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

За работно ангажирање со договор за дело или пак авторски договор ќе се плаќа здравствено и пензиско осигурување, но само доколку приходите се поголеми од минималецот. Се вградува европско искуство и се поттикнува засновање редовен работен однос.

„Задолжително се влијае на намалувањето на сивата економија, односно се поттикнуваат работодавачите да засноваат редовен работен однос со своите работници, а се намалува или ускратува можноста целосниот ангажман на работникот да се затскрива зад авторски договор “, изјави министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

„Ова ќе влијае позитивно врз економскиот раст и развој во државата, а исто така многу е важно да се напомене дека краткорочно ФОндот за пензиско и инвалидско осигорување ќе биде постабилен’, рече Беким Незири, министер за економија.

Промените во законот за работни односи носат нов квалитет, старосната граница се продолжува на доброволна основа, но останува и можноста вработените да заминат во старосна пензија по старо, мажите на 64, а жените на 62. Дали ќе продолжат  и натаму да работат ќе одлучат самите.

Свето Николовски