Безбедност

Дујовски: Како по буквар одиме кон почеток на Трета Светска војна

18.11.2024 16:25

Како по буквар се движиме кон Трета Светска војна – домашни безбедносни експерти стравуваат од глобализација на украинската криза. Потегот на Бајден оценет како последен обид за помош на Киев …

Како по буквар одиме кон почеток на Трета Светска војна – деканот на Факултетот за безбедност, Никола Дујоски загрижен за ескалацијата на војната во Украина. Според него, никогаш досега ситуацијата не била толку загрижувачка како сега, по одлуката на американскиот претседател во заминување Бајден да му дозволи на Киев да ги користи американските системи со долг дострел за напади длабоко на руска територија. Особено загрижува што една држава, Северна Кореја веќе се вклучи, а и најавите од Кина не се оптимистички, вели професорот Дујовски.

„Видовме во неговите изјави, но не само тој, мене многу ме загрижува многу руската јавност којашто е високо наелектризирана по однос на можноста за употреба на оружје коишто досега не се видени, по однос на дејствија, капацитет, штета којашто може да ја направи, и тоа е особено загрижувачки. По буквар оди Третата Светска војна … вклучување на една, па на друга држава, најавите од Кина исто така не се многу оптимистички. И тие велат дека будно ја следат состојбата, имаат каде да се вклучат, ќе размислуваат, се надевам длабоко. Но, состојбата е прилично загрижувачка, веројатно ова е еден пресвртен момент со којшто не се соочивме досега“, вели универзитетскиот професор, Никола Дујовски.

Ова е последен обид на демократите во САД да му овозможат подобра преговарачка позиција на Зеленски, имајќи ги предвид најавите од новоизбраниот претседател Трамп за намалување на американската поддршка за Украина, оценува професорот по безбедност, Методи Хаџи-Јанев.

„Последната одлука на Бајден претставува последен обид да се спаси она што може да се спаси во Украина, зошто најверојатно знаат дека следува потоп после ова, што од друга страна може да претставува сериозен проблем за зголемување на опасноста, во смисла на подигање на ризикот за тоа дека ќе има светска криза, или евентуален конфликт којшто може да ескалира во нуклеарен конфликт, ако секако за тоа се одлучи Путин. Во секој случај ова претставува тест проба со кој демократите бараат последна шанса за спас на Украина“, изјави професорот Методи Хаџи-Јанев.

За да не ескалира конфликтот меѓу Русија и Украина во глобална војна, членови на кабинетот за транзиција на Трамп најавија можност да преиспитување на ваквата одлука на Бајден.

Ирина Гелевска