Култура

Изложба по повод 120 години од раѓањето на Вангел Коџоман во Даутпашиниот амам

18.11.2024 19:24

120 години од раѓањето на доајенот на современото македонско сликарство Вангел Коџоман ќе се одбележат на 19-ти ноември со изложба во Даут пашин амам, објект на Националната галерија на Македонија (НГМ). Кураторка на изложбата е Александра Зиновски-Вилиќ, делата се изложуваат после подолг период и ќе трае до 20 декември.

Изложба посветена на доајенот на современото македонско сликарство Вангел Коџоман ќе биде отворена утревечер, во објектот „Даутпашин амам“, по повод 120 години од неговото раѓање. Почитта што му се оддава на уметникот значи повторна средба на неговите дела со публиката, кои по подолг временски период се изложуваат и нѐ потсетуваат на едно минато време забележано со вештата сликарска рака. Кураторка на изложбата е Александра Зиновски Вилиќ.

Коџоман ѝ припаѓа на првата генерација академски образовани уметници, заедно со Димитар Пандилов, Лазар Личеноски и Никола Мартиноски, а нешто подоцна и Василие Поповиќ-Цицо, Димо Тодоровски, Томо Владимирски и Љубомир Белогаски, кои се сметаат за основоположници на македонската модерна уметност.

Она што најмногу ќе го обележи творештвото на Коџоман е неговиот придонес во обработувањето на многу различни теми. Интересот кон сѐ што го опкружува со помош на својот сликарски занает вредно го бележи, црта, слика. Се чини дека не постои тема што тој не ја обработува или, пак, не се обидува да ја стави на хартија, на платно. Масло, пастел и акварел се техниките со кои ги работи своите дела на темите: актови, портрети, пејзажи, мртви природи, како и дела со мотиви од староградската архитектура, дела со социјална тематика и дела со историска содржина. Сепак, најпрепознатлив е по пејзажот и портретот, во кои ги остварува своите најголеми и најзначајни дела. Ликовниот опус на Вангел Коџоман е многу голем. Пред сѐ, тоа се должи на неговата мисла дека уметноста треба да биде меѓу луѓето, дека таа му припаѓа секому и дека не треба да биде ничија привилегија. Оттука ги црпи својата истрајност, дисциплинираност и посветеност кон работата. Третманот на сите техники во кои се изразува за него имаат иста важност и вредност, како и темите што ги обработува во текот на својот творечки живот, што ќе го обележи како особено плоден автор, препознатлив и запаметен како сликар на македонското поднебје – вели кураторката Александра Зиновски Вилиќ.

До крајот на својот живот (1994) вредно, одговорно и со огромна љубов ќе биде посветен на својот занает: уметноста и сликарството. Улогата на Вангел Коџоман како еден од основоположниците на македонската модерна уметност ќе остане забележана и високовреднувана во историјата на македонската уметност.