Градски превоз

Додека граѓаните се жалат, Град Скопје тврди дека ЈСП сообраќа со полн капацитет

18.11.2024 16:35

Град Скопје, тврди дека се функционира во полн капацитет и дека автобусите редовно сообраќаат. Но, тоа не го гледаат граѓаните. Патниците велат дека автобусите на ЈСП доцнат и принудени се да ги чекаат со часови...

Откако рано утрово околу 3 часот била обезбедена нафта, сите автобуси на ЈСП сообраќаат, дознаваме од вработени кои сакаат да останат анонимни.

Директорот Кушовски не одговори на повиците на МТВ да објасни каква е состојбата во претпријатието. Од Град Скопје, пак, тврдат дека се функционира во полн капацитет и дека автобусите редовно сообраќаат. Но, тоа не го гледаат граѓаните. Патниците со кои разговаравме на автобуските постојки велат дека автобусите на ЈСП доцнат и принудени се да ги чекаат со часови. Се доцни на работа, во училиште, граѓаните не можат да ги извршуваат секојдневните обврски.

Никој не се чувствува виновен за ваквата ситуација. Од Град Скопје велат немаат поддршка од советниците за нови автобуси, а советниците пак, ги обвинуваат менаџментот и градоначалничката. Приватните превозници чекаат зголемување на цената по изминат километар и возат кога сакаат. Министерот за транспорт и врски Николоски и претседателот на ЗЕЛС не очекуваат дека пред изборите ќе се промени состојбата.

И во ревизорскиот извештај е констатирано дека фактурите за испорака на гориво не се исплаќаат навремено, како и услугата кон приватните превозници од страна на ЈСП. И покрај тоа што МОН не одобрило бесплатен превоз за студенти за последните две години, ЈСП бесплатно ги превезува, а долговите постари од три години се отпишуваат без одлука на Управен одбор.

 

Александра Велинова