Македонија

Советот на јавни обвинители потврди, Хајрулахи останува суспендиран

18.11.2024 16:09

Советот на јавните обвинители ја потврди одлуката на републичкиот обвинител, Љупчо Коцевски, шефот на Вишото скопско обвинителство е суспендиран од функцијата. За Хајрулахи, кој ја поднесе жалбата, одлуката е скандалозна...

Советот на јавните обвинители ја потврди суспензијата на вишиот скопски обвинител Мустафа Хајрулахи. За оваа одлука гласаа седуммина членови. Обвинителката Кети Петкова беше против и бараше преиначување на одлуката со образложение дека повод за суспензија не може да биде кривична пријава за мобинг. Нејзиното мислење не доби поддршка.

Хајрулахи за МТВ вели дека одлуката е скандалозна, но и порака до сите во фелата дека треба да постапуваат по налозите на шефот, бидејќи во спротивно нема да одат на работа.

Минатата недела државниот обвинител Коцевски го суспендираше Хајрулахи со образложение дека против него се води истрага за сериозни кривични дела. Хајрулахи одговори дека тоа се прави со цел да се замолчи затоа што јавно зборувал за протекувањето документи од Републичкото обвинителство, но и за обидот да се влијае врз одлуката во случајот со бонусите на СЈО.

 

Анита Димитријевска – Велковска