Здравство

Над 100.000 граѓани во земјава боледуваат од ХОББ

18.11.2024 17:05

Повеќе од 100.000 граѓани во земјава боледуваат од Хронична опструктивна белодробна болест. Но, и покрај ова, цигарите тешко ги оставаат. Многумина не се ниту свесни дека имаат ХОББ, или, пак, ги игнорираат симптомите. Аерозагадувањето само го влошува проблемот …

Од цигари тешко се откажуваме, а загадениот воздух дополнително го влошува проблемот кај пациентите со ХОББ – земјава бележи пораст на бројот на заболени. Во зимскиот период особено им се влошува состојбата, околу илјада пациенти годишно завршуваат на болничко лекување. Навременото откривање ги зголемува шансите за подолг и поквалитетен живот.

„Тоа е како сол на рана да ставате затоа имаме голем број на влошување, прегледи, хоспитализации во текот на зимскиот период. И секоја зима ова се случува. Особено пушачите, сите кашлаат, а никој не доаѓа на преглед. Кога ќе осетат глад за воздух или кога ќе почнат да им свират градите, тогаш доаѓаат на прегледи, но тогаш болеста е веќе напредната“, вели д-р Димитар Кркински – директор на Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза.

Загрижува податокот што сè почесто страда младата популација, статистиката покажува дека дури 45 проценти од нив пушат цигари. Ама, и повозрасните тешко се откажуваат.

„Ми кажаа на спирометрија дека треба да одам, и тоа ми е важно што ми открија.“

„Пушам 50 години, пробувам да се откжам ама тешко ми оди“-велат граѓаните кои ги анкетиравме.

„Оние лица кои ќе имаат отстапувања во вредностите според таблиците што се предвидени за нив, за пол за возраст и за висина, ќе добијат препорака да се јават во некоја од пулмолошките институции“, вели д-р Зорица Нановиќ – Здружение за пневмофтизиолози.

Недостиг од воздух, тешко дишење, болка во градите, слабост на организмот – се симптоми на ХОББ.

Во Македонија околу 100.000 граѓани ја имаат оваа болест, додека пак во светот околу 300 милиони. Од хронична опструктивна белодробна болест најмногу заболуваат граѓаните кои консумираат цигари.

Андријана Ѓурческа