Трајно се решава проблемот со водоснабдувањето во Неготино
Трајното решавање на проблемот со водоснабдување во општина Неготино ќе чини еден милион евра. Со овие пари општината ќе ја реконструира водоводната мрежа и ќе изгради нов резервоар за вода...

Реконструкцијата на водоводната мрежа и новиот скада систем треба да бидат решение за деценискиот проблем со водоснабдување на неготинчани. Од локалната самоуправа како носители на капиталниот проект велат работите на терен започнуваат веднаш штом завршат техничките подготовки.
„Ја подготвивме техничката документација за скада системот кој треба да значи регулација на притисокот на цела општина Неготино и сега веќе е распишан јавниот оглас каде ќе може да конкурираат домашни и странски компании“, изјави Ванчо Апостолов, градоначалник на општина Неготино.
Во моментов Неготино со вода за пиење се снабдува од регионалниот водовод Лукар. Кога би немало дефекти и огромната загуба на вода, тогаш 77 литри во секунда би биле доволни за 24 часовно водоснабдување. Ваква како што е сега состојбата неколку часовните рестрикции се секојдневи за неготинчани.
„Убаво е да има стално вода, оти на ручек ја запираат 3-4 часа, навечер пак до сабајле“.
„Добар потег, значи имаше проблем на горниот дел Саат кула, ќе се реши еден голем проблем во Неготино“, велат анкетираните неготинчани.
За трајно решавање на проблемот со водоснабдување на општина Неготино и се потребни околу еден милион евра. Поголем дел од средствата или 850 илјади евра Општината обезбедува преку кредитна линија од Светска банка, останатите се од сопствената каса.
Дијана Иванова
