Прв планинарски марш на Јабланица во Струга
Преку 100 планинари од целата држава го направија првиот марш во Струга на планината Јабланица, одбележувајќи ја годишнината на планинарското друштво „Закамен“ од Струга...

Јабланица e планина во југозападниот дел на Македонија, помеѓу Охридско-струшката и Дебарската Котлина, западно од реката Црн Дрим и брегот на Охридското Езеро. Највисок врв е Црн Камен, со 2.257 метри. Оваа планина е позната по својата раскошна природа и богата е со голем број на извори со вода. Планинарите од целата држава ја искористија оваа можност од блиску да се запознаат со нејзините природни убавини.
„Годинава по едно годишно постоење на планинарското друштво Закамен од Струга, решивме да одржиме планинарски марш до врвот на планината Јабланица, Црн Камен кој е висок 2.250 метри надморска височина. Ни преставува големо задоволство што Јабланица ја преставивме во најдобро светло и гостите во најголем дел си заминаа задоволни“, вели планинарот Димитри Ѓоргон.
Патеката е долга која овие планинари ја поминаа но е одлична прилика кога станува збор за искусни планинари или планинари-рекреативци.
„Патеката што ја поминавме води покрај Беличка Река во околината на Белица преку врвот Црн камен до Вевчанско езеро и самата е одлична за искусни планинари, но и за рекреативци“, рече планинарот Антонио Гоѓоски.
Планинарското друштво од Струга кое оваа година ја прослави својата прва годишнина од своето постоење за наредната година најава уште поголема организација и поголем број планинари кои ќе уживаат во природните убавини на планината Јабланица.
Јованчо Наумоски
