Зеленски: Ќе направиме сè за да ја запреме оваа војна
Илјада дена од војната во Украина. Тензиите по одобрението на Бајден за Киев да може да напаѓа со американски ракети длабоко во Русија, го свртеа фокусот на светската јавност. Брисел повика и другите земји да го следат примерот на САД. Путин потпиша декрет со кој го проширува опсегот за употреба на нуклеарно оружје како директна порака кон западот и Украина…

1.000 дена војната во Украина беснее со несмалено темпо – со руски бомбардирања пред зори и нови надежи за крај на кошмарот и конечен мир.
„Секој ден е кошмар, секој ден цивилни жртви и постојани удари врз станбените згради“, изјави Владислав Пархоменко, студент од Киев.
„Не можам да кажам дека нешто ми се промени во овие 1.000 дена војна. Единствено мотивот кој никогаш нема да исчезне, бидејќи мојот регион е под непријателска окупација. Доколку не дадеме отпор, тие повторно ќе бидат близу до мојот град“, вели Илија Зелински, командант на единицата на гардата Бугски.
Во знак на поддршка, боите на украинското знаме ги прелеаја институциите на ЕУ во Брисел. Зеленски со обраќање на вонредната седница во Европскиот Парламент.
„Ви благодарам за поддршката на Украина, на Европа и на секој партнер што нè поддржа во мировната формула. И единствениот кој е во спротивност со ова, е тој што ја почна оваа војна – Русија. Мораме да ја принудиме на мир. Не смееме да се плашиме да сториме повеќе заедно. Путин е фокусиран на победата во оваа војна и нема да престане. Ќе направиме сè за да ја запреме оваа војна“, нагласи украинскиот претседател Владимир Путин.
Во исчекување на пресвртница во борбите откако Бајден даде зелено светло за Киев да употребува американски ракети длабоко на руска почва, иако јавно сè уште не ја потврди својата одлука, европскиот шеф на дипломатијата потврди во негово име и ги повика другите земји да го следат примерот на САД.
„Сигурен сум дека и други ќе го следат примерот на САД да им дозволат на Украинците да го користат оружјето за борба на руска територија. Оттаму се напаѓани и тоа е согласност со меѓународното право. Денеска ќе разговараме за ова и се надевам дека сите земји членки ќе го следат примерот на САД“, рече Џозеп Борел, министер за надворешни работи на ЕУ.
Москва тврди дека западот направил исклучително опасен потег со ваквата објава, предупредувајќи дека ќе ги интензивираат своите акции.
„Што и да дадат или какви дозволи да дадат, тоа нема да ја смени логиката на специјалната воена операција. Нашите трупи ќе продолжат да ги извршуваат задачите, згора на тоа уште поинтензивно и поефективно, бидејќи не можеме да дозволиме удари со такво оружје врз нашите објекти. Непријателот ќе биде поразен, а победата наша“, рече Андреј Картаполов, претседател на Комитетот за одбрана на Државната дума.
Наспроти заканите, Путин потпиша декрет со кој се проширува опсегот за употреба на нуклеарно оружје, во директна порака кон западот и Украина. Во истовреме, нордиските земји веќе издадоа нови насоки за граѓаните во случај на ескалација и сеопфатна војна.
Бојана Крстевски
