Лекарите бележат наплив на пациенти со респираторни тегоби
Куманово е меѓу градовите со највисоко аерозагадување. Лекарите бележат наплив на пациенти со респираторни тегоби. Најпогодени се хронично болните. Градот одвојува средства за краткорочни и долгорочни мерки, но засега без позначајни резултати...

Отежнато дишење, тежина во градите, сува кашлица се дел од тегобите на кои последниве месеци реагираат кумановци. Здравствените работници потврдуваат за наплив на пациенти, особено од кога почна затоплувањето и зголеменото аерозагадување. Најпогодени се респираторните органи, но загадениот воздух влијае на целиот систем. Најголем проблем имаат хронично болните, но дечињата со послаб имунитет.
„Доаѓаат со сува кашлица месец и нешто веќе немаат наод на белите дробови, но кашлаат. Најлоши се честичките ПМ 2,5 кои влегуваат длабоко во алвеолите, еритроцитите на луѓето. Го намалуваат капацитетот на белите дробови, го оштетуваат срцето, паѓа нивото на кислородот, чувствуваме тешкотии при одење“, истакна Фатмир Асани, претседател на матични лекари Куманово.
Кај дел од пациентите се јавуваат и пневмонии. Граѓаните потврдуваат дека го чувствуваат аерозагадувањето. Укажуваат на непријатна миризба и чад особено во вечерните часови.
Куманово е еден од градовите со највисока аерозагаденост. Мерните станици поставени на неколкуте различни локации од почетокот на грејната сезона, покажуваат покачени параметри на негативните честички. Градот одвојува средства за повеќе мерки, но засега нема позначајни резултати. Меѓу нив се пошумувањето и гасификацијата. Истражувањата покажаа дека домаќинствата и сообраќајот, се најголеми загадувачи.
Најголеми пикови на аерозагадување анализата покажа дека се евидентирани во периодот декември-јануари. Најчисто е во летните месеци.
Активистите за животна средина со апел итно да се донесе стратегија за управување со огревно дрво и отпад.
Елена Георгиева
