Потпишан договор

Платите на здравствените работници континуирано ќе растат

19.11.2024 17:00

Ќе растат платите на вработените во здравството, од ноември за 10 насто. Континуирани покачувања во следните четири години…

Ноемвриската плата здравствените работници ќе ја земат повисока за 10 насто. Коригиран е коефициентот за пресметка и нето-месечните примања, ќе бидат зголемени од 2.450 до 3.850 денари. Покачувањата континуирано ќе растат. Синдикатите велат, мотивација плус за вработените во секторот, но и прв чекор за подобрување на здравствената заштита на граѓаните.

„Уште подобра придобивка во делот на овој анекс е корекција на платите од 0.364 за медицинските сестри со средно образование и останатиот средномедицински кадар, што значи 5.700 денари во бруто или 3.850 денари во нето“, изјави Љубиша Каранфиловски – претседател на Синдикатот за здравство, фармација и социјална заштита.

„Договореното покачување на платите ќе значи директна корист на сите што се вклучени во здравствениот систем. Ова не е само финансиско признание, туку и мотивација за уште поголема посветеност на нашиот секојдневен труд“, додаде Предраг Серафимовски – претседател на Синдикатот на Клинички центар.

„Ова што се случи денеска е едно од најголемите покачувања во здравствениот сектор. Досега покачувањата биле од 1.000 до 1.200 денари“, нагласи Боби Бојчевски – претседател на Независниот синдикат за здравство.

Според премиерот Мицкоски, ова е историско зголемување на платите. Најави личниот доход на здравствените работници во следните четири години ќе се зголемува до 50 проценти. Ново покачување од пет насто ќе има во март следната година.

„Следната 2026-та година од 5 до 7 проценти, во зависност од тоа во каква состојба и кондиција ќе биде буџетот, се надеваме дека ќе биде навистина во здрава кондиција и работиме на тоа, зошто да не одиме на горната граница. Истото тоа зголемување од 5 до 7 проценти ќе биде и во 2027-ма година, а од 7 до 10 проценти ќе биде во 2028-ма година“, нагласи премиерот Христијан Мицкоски.

Синдикатот и владата ставија потпис на договорот.

Во наредниот период фокус ќе биде ставен на решавање на статусот на работниците кои во здравствениот систем со години работат со договор на дело.

Андријана Ѓурческа