Таравари: Платите во здравството ќе бидат највисоки во историјата на оваа држава
Според договореното, зголемувањето на платите во наредните четири години ќе биде помеѓу 40 и 50 проценти.

„Платите во здравството ќе бидат највисоки во историјата на оваа држава! Благодарност до Владата и синдикатите кои се согласија на овој договор, кој ќе влезе во светлите страници на оваа земја“, соопшти денеска министерот за здравство, Арбен Таравари. Според договореното, зголемувањето на платите во наредните четири години ќе биде помеѓу 40 и 50 проценти.
Со овој постигнат договор, веќе следната година во март ќе има дополнително зголемување од 5 проценти на сумата наменета за плати за здравствените работници, додека во 2026 година тоа ќе биде од 5 до 7 проценти. Истото зголемување од 5 до 7 проценти ќе се реализира и во 2027 година, а во 2028 година ќе биде од 7 до 10 проценти. Или, ако го земеме целиот овој период последователно, добиваме зголемување на износот на средствата потребни за исплата на платите на здравствените работници за целиот период помеѓу 40 и 50 проценти.
