Воен конфликт

Украина со американски ракети ја нападна Русија

19.11.2024 18:09

Русија тврди дека Украина го нападнала регионот Брјанск со американски проектили со долг дострел. Извештаите следуваат само неколку минути откако Кремљ објави ажурирана нуклеарна доктрина. На 1000-от ден од руско-украинскиот конфликт, Зеленски вети дека ќе направи сè за да за запре војната…

Украина истрела шест ракети со долг дострел од американско потекло во регионот. Руската одбрана ги активирала системите „С-400“ и „Панцир“, биле соборени шест проектили, информира Москва. Во истовреме, нордиските земји издадоа насоки за граѓаните во случај на ескалација и тотална војна, пренесуваат светските медиуми. Извештаите за нападот се појавија само неколку минути откако Кремљ ја објави ажурираната нуклеарна доктрина и се закани со нуклеарен одговор доколку Украина нападне цели на руска територија користејќи оружје од западно производство.

„Русија секогаш заземала одговорна позиција и ги правела неопходните напори за намалување на нуклеарната закана и е против влошувањето на меѓудржавните односи. Руската Федерација го задржува правото да користи нуклеарно оружје во случај на агресија со употреба на конвенционално оружје против неа или против Белорусија“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.

На 1000-от ден од руско-украинскиот конфликт, Зеленски онлајн се обрати до европските парламентарци, побара запирање на војната, но под украински услови.

„Мораме да ја принудиме Русија на мир. Не смееме да се плашиме да сториме повеќе заедно. Путин е фокусиран на победата во оваа војна и нема да престане. Ќе направиме се за да ја запреме оваа војна“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Марк Руте, генералниот секретар на НАТО, од состанокот на Советот на министрите за надворешни работи на ЕУ, укажа дека сојузниците во Алијансата и во Унијата поединечно решаваат за употребата на оружје со долг дострел во Русија.

„Отсекогаш сум сметал дека е мудро да не зборуваме премногу за тоа што го правиме. Јасно е дека НАТО претходно кажа дека кога сојузниците ја снабдуваат Украина со системи за оружје, најдобро е да не се поставуваат ограничувања за нив. Ова е генерален став, но сојузниците поединечно треба да решат што да прават“, изјави Марк Руте, генерален секретар на НАТО.

„Нема да навлегувам во оперативни детали, и не може да очекувате од мене единствен победник да биде Путин и тоа да ја поткопа Украина. Украина мора да победи во војната, ова е наједноставниот начин да Русија ја заврши агресијата и конфликтот“, нагласи Кир Стармер, премиер на Обединетото Кралство.

Во знак на поддршка, институциите во Брисел, во боите на украинското знаме.

„Сигурен сум дека и други ќе го следат примерот на САД да им дозволат на Украинците да го користат оружјето за борба на руска територија. Оттаму се напаѓани и тоа е во согласност со меѓународното право“, рече Жозеп Борел, министер за надворешни работи на ЕУ.

Во новата влада на ЕУ, за првпат се назначува комесар за одбрана.

Маријана Димовска