Започна изградбата на новата атлетска патека во Гевгелија
Министерот за спорт, Борко Ристовски, заедно со градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов, денеска го означи почетокот на изградбата на новата атлетска патека во Гевгелија, еден од капиталните проекти на Министерството за спорт за унапредување на спортската инфраструктура низ Македонија...

Министерот за спорт, Борко Ристовски, заедно со градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов, денеска го означи почетокот на изградбата на новата атлетска патека во Гевгелија, еден од капиталните проекти на Министерството за спорт за унапредување на спортската инфраструктура низ Македонија.
Во своето обраќање, министерот Ристовски истакна дека изградбата на современи спортски објекти е од клучно значење за развојот на спортот и за поддршка на младите таленти.
- Се посветивме на овие проекти затоа што знаме дека не може да имаме спортски резултати ако немаме основни услови за спортување. Веќе отпочнавме со комплетна санација на спортската сала во Радовиш, сега почнуваме со изградба на атлетска патека во Гевгелија. Како што најавивме така и продолжуваме. Ние и пред изборите и потоа бевме во Гевгелија го најавивме овој проект, а денеска покажуваме дека си стоиме на зборот. Подготовката за почетокот на работата беше обврска на Општина Гевгелија, тие си го завршија својот дел. Ние оваа инвестиција од околу 8 милиони денари верувам и се надевам дека ќе ја завршиме до крајот на годината, што ќе биде уште еден чекор понапред, малку порано од ветеното – рече министерот Борко Ристовски.
Тој ја истакна заложбата на Министерството за спорт за изградба и реконструкција на спортската инфраструктура како основа за развој на спортот.
- Изградбата на атлетската патека во Гевгелија е уште еден проект со кој покажувам дека Министерството за спорт стои зад спортот и спортската инфраструктура. Нашата ситуација во спортот е таква да мораме да почнуваме од нула, прво да направиме една здрава спортска инфраструктура, да ги обновиме сите оние заборавени спортски објекти во Македонија, да финансираме вистински спорт и дури потоа да бараме резултати. Воедно ова е и показател дека ќе се работи и на финансирањето и на инфраструктурата во спортот. Ова ќе биде атлетска патека која покрај професионалните спортисти ќе можат да ја користат и рекреативците и сите граѓани на Гевгелија – истакна Ристовски.
Градоначалникот на Гевгелија, Андон Сарамандов изрази благодарност до Министерството за спорт и до министерот за реализацијата на овој проект кој ќе значи голема придобивка за градот.
