Економија

Владата и банките продолжуваат со преговори за унгарскиот кредит

19.11.2024 16:15

На поединечни средби со банките, Министерството за финансии бара решение за висината на банкарските трошоци и условите за исплата на парите од унгарскиот кредит. Бизнисот ги чека парите, но и условите под кои треба да ги планираат инвестициите...

Министерството за финансии секоја од банките посебно ќе ја седне на маса за да ги испегла разликите и да ги дефинира критериумите под кои стопанството ќе ги добие парите од унгарскиот кредит. Премиерот очекува до почетокот на следната недела со банкарите да ја дефинираат конечната позиција за каматната стапка што ќе ја плаќа стопанството за да ги користи парите од купчето 250-те милиони евра.

„Анализираме две сценарија. Во текот на оваа недела ќе има Министерството за финансии поединечни средби со дел од банкарите, вклучително и Централната банка, гуверенката. Очекувам крајот на оваа и почетокот на следната недела веќе да излеземе со конечна позиција и да тргне оваа работа. Инаку, да се трудиме компаниите да добијат еднакви, историски најниски услови што во овој момент може да се најдат каде било во светот, рече премиерот Мицкоски на новинарско прашање кога ќе биде средбата со банкарите оваа недела и дали Владата размислува да ги покрие трошоците за каматите за кредитниот ризик за банките за да добијат фирмите поволни кредити“, изјави Мицкоски.

Од Академијата за банкарство за МТВ велат дека се оптимисти, бизнисот многу брзо да почне да ја добива финансиската инјекција со што е можно пониска каматна стапка.

Банките сами одлучуваат. Народната банка не е вклучена во преговори за условите за пласирање на парите од унгарскиот заем.

„Висината на каматните стапки и другите трошоци поврзани со самите кредити, рочноста и другите услови се уредени со интерните акти на банките. За Народната банка како регулатор и супервизор на банкарскиот сектор, основна цел е одржување на неговата сигурност и стабилност пред сè преку следење на ризиците на кои е изложен и преземање соодветни активности“, велат од НБРМ.

Бизнисот ги чека парите од унгарскиот кредит, но и условите под кои треба да ги планираат инвестициите, што ќе донесе позитивен ефект на економијата и ќе стимулира раст.

Владата зеде кредит од Унгарија од 500 милиони евра, од кои 250 милиони се наменети за кредити во стопанството.

Владата преговара и за нови дополнителни 500 милиони евра од Унгарија, кои, според најавите, ќе бидат за отплата на еврообврзницата која доспева на крајот од јануари 2025-та.

Борис Грујоски