Македонија

Радмила Шекеринска втор човек на НАТО

19.11.2024 16:40

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте одлучи да ја назначи Радмила Шекеринска за следен заменик генерален секретар. Прва функционерка од Западен Балкан на највисока функција во Алијансата.

Поранешната министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, ќе биде заменик генерален секретар во НАТО, објави Алијансата. Таа е првата жена од западен Балкан која доаѓа на висока позиција во НАТО, а функцијата треба да ја преземе најдоцна до крајот на годината. По објавата, Шекеринска на социјалните мрежи напиша дека ќе и биде привилегија да работи за доброто на Алијансата.

„Ќе ми биде привилегија да служам како заменик генерален секретар на НАТО под раководство на Руте. Посветена сум на работа со сите сојузници, кон уште посилна и побезбедна Алијанса“, напиша Шекеринска.

За новиот генерален секретар беше приоритет пополнувањето на заменичкото место, откако се повлече вршителот на должноста Борис Руге. Преовладуваше ставот дека ова место треба да го добие земја од Централна и Источна Европа.

„Среќен сум поради објавата за назначувањето на Радмила Шекеринска за иден заменик-генерален секретар. Таа навистина верува во НАТО, ја знае работата која е неопходна за приклучување на Алијансата и што значи да се биде полноправна членка. Ќе работам со неа по преземањето на виталната позиција“, пишува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.

Изборот на Шекеринска го поздрави и американската амбасадорка Агелер, која воедно му честиташе и на премиерот Мицкоски за тоа што застанал зад нејзината кандидатура.

„Моите најтопли честитки до Радмила Шекеринска, следниот заменик генерален секретар на НАТО и до Христијан Мицкоски и до Владата на Северна Македонија за застапување на нејзината кандидатура. Моќен доказ за стручноста и искуството на Шекеринска и на улогата на Македонија како ценет сојузник на НАТО и партнер на САД“, напиша Агелер на социјалните мрежи.

Во март 2020-та година кога се ратификуваше пристапувањето на земјава во НАТО, Шекеринска беше министер во за одбрана. Таа по речиси две децении се повлече од македонската политичка сцена, во декември 2021-ва година, откако СДСМ ги изгуби локалните избори.

 

Анита Димитријевска – Велковска