Надал на стартот од завршниот турнир поразен од Ван Де Зандшулп
Славниот тениски ас пружи максимално силен отпор, но двапати го загуби сервисот во клучните моменти и му дозволи на ривалот да го направи исчекорот кон победата...

Шпанецот Рафаел Надал загуби на стартот од завршниот турнир во Дејвис Купот, откако беше поразен од Холанѓанецот Ботик Ван Де Зандшулп со 2-0, по сетови 6-4 и 6-4.
Надал уште на самиот почеток покажа дека ќе има проблеми против Холанѓанецот во првиот четвртфинален меч од Дејвис купот, а не му помогна ни огромната поддршка на теренот во Малага.
Славниот тениски ас пружи максимално силен отпор, но двапати го загуби сервисот во клучните моменти и му дозволи на ривалот да го направи исчекорот кон победата. За Надал ова може да биде и последен натпревар во кариерата, но тоа ќе стане појасно откако ќе се комплетираат останатите мечеви и ќе биде позната бодовната ситуација.
