Украина

Администрацијата на Бајден брза да го исполни ветеното кон Украина

20.11.2024 08:20

Администрацијата на Бајден брза да го исполни ветувањето дадено на Киев за достава на помош. Украина ќе го употреби сето оружје што го има на располагање, дециден е Зеленски. САД не гледаат причина да го прилагодат својот нуклеарен став, соопшти Стејт департментот.

Американскиот претседател Џо Бајден одобрил испорака на противпешадиски мини во Украина, објави „Вашингтон пост“, повикувајќи се на извори во американската администрација. Овој потег Белата куќа го гледа како клучен чекор во обидот да се запре напредувањето на руските сили на фронтот. Украина ќе го употреби сето оружје што го има на располагање, дециден е украинскиот претседател. Изјавата следува по извештаите дека Киев употребил проектили со долг дострел во рускиот регион Брјанск. Зеленски одби да ги коментира последните случувања, но рече дека целта на Путин е да ја продолжи војната што е можно подолго за да создаде хаос во светот. Ја искритикува заедничката декларација на земјите од Г20 во Бразил која го истакна страдањето во Украина и повиците за мир, но без именување на Русија.

„Украина има можности со долг дострел, вклучително и домашно произведени беспилотни летала со долг дострел. Имаме „Нептун“ со долг дострел ракета од украинско производство и повеќе од една. А сега имаме и американскиот армиски тактички ракетен систем. Ние ќе го искористиме сето тоа“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

САД не гледаат причина да го прилагодат својот нуклеарен став, соопшти Стејт департментот, откако Кремљ се закани дека употребата на оружје со долг дострел ќе ја разгори војната. Вчера Русија ја ажурираше нуклеарната доктрина со која се одобрува употреба на нуклеарно оружје доколку Москва увиди закана за нејзиниот суверенитет.

„Промената во оваа политика сама по себе само го истакнува лицемерието. Русија сугерира дека тие би можеле да употребат нуклеарно оружје против ненуклеарна држава доколку се изврши ист вид на агресија како што Русија ја нанесува врз Украина и нејзиниот народ. Значи, не видовме причина да ја прилагодиме нашата сопствена нуклеарна положба. Ќе продолжиме да ја повикуваме Русија да престане со воинствената и неодговорна реторика“, изјави Метју Милер, портпарол на Стејт департментот.

Во Пентагон се прават калкулации. За Украина се подготвени најмалку 275 милиони долари ново оружје. Администрацијата на Бајден брза да го исполни ветувањето дадено на Киев за достава на помош во преостанатите два месеца пред новоизбраниот претседател Трамп ја презеде функцијата.

„Немам ништо да објавам или да потврдам во овој момент. Ќе продолжиме да ја поддржуваме Украина со различни пакети што ќе ги поддржат нејзините краткорочни и долгорочни потреби пред повлекување на претседателот“, изјави Сабрина Синг, заменик-портпарол на Пентагон.

Последната транша од оружје доаѓа во моменти кога расте загриженоста за ескалација на конфликтот. Двете страни се залагаат да стекнат каква било предност што можат да ја искористат доколку Трамп побара брз прекин на војната – како што вети дека ќе направи.

 

Маријана Димовска