Собрание

Денеска продолжува амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

20.11.2024 08:27

Продолжува амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година, поднесени се вкупно 307 амандмани од кои 204 се на опозициската СДСМ...

Во Собранието денеска продолжува амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година. Поднесени се вкупно 307 амандмани од кои 204 се на опозициската СДСМ.

На првиот ден од амандманската расправа не беа прифатени четири амандмани од кои еден од СДСМ и три од Движењето на Турците на Македонија.

Вкупните приходи во Предлог-буџетот се планирани на ниво од 358,8 милијарди денари, а расходите на ниво од 400,2 милијарди денари.

Буџетскиот дефицит е проектиран во апсолутен износ од 41,350 милиони денари или на ниво од 4 проценти од планираниот БДП.

Инфлацијата се очекува да се намали на ниво од 2,2 проценти, како резултат на стабилизирањето на цените на основните прехранбени производи и на енергенсите на меѓународниот пазар, забавувањето на странската ефективна инфлација, како и поумерениот притисок од базичната инфлација. Извозот се очекува да има раст од 4,2 проценти, а увозот од 4,4 проценти како резултат на очекувањата за постепено стабилизирање на меѓународното опкружување и зголемувањето на надворешната побарувачка.

Според министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, Предлог-буџетот е развоен со социјална компонента во кој дополнителна карактеристика е тоа што трендот на раст на расходите е понизок од трендот на раст на приходите, односно приходите се зголемени за 13 проценти, а расходите за 10 проценти во однос на 2024 година, што придонесува кон консолидација и намалување на буџетскиот дефицит за околу 3,3 милијарди денари.