Воен конфликт

Затворена американската амбасада во Киев поради информации за воздушен напад

20.11.2024 11:22

Тензично во Украина. Привремено затворена амбасадата на САД во Киев поради дојава за можни напади. Зеленски вели дека ќе се борат со сето оружје што го имаат, но предупреди дека ќе ја загубат војната ако САД го запрат финансирањето. Од Кремљ со став, опцијата за замрзнување на украинскиот конфликт не ѝ одговара на Русија, иако претседателот Путин е отворен за преговори...

Американската амбасада во Киев е привремено затворена поради информации за воздушен напад, соопшти Стејт департментот. Во украинската престолнина активирани сирени за воздушна опасност. Украинската војска ги предупреди граѓаните за дронови над Киев за што се активирани системите за противвоздушна одбрана.

„Од внимателност, амбасадата ќе биде затворена, а на вработените во неа им е наложено да се засолнат на сигурно. Амбасадата на САД во Киев им препорачува на американските граѓани да бидат подготвени веднаш да се засолнат во случај на воздушна опасност“, стои во соопштението на Стејт департментот.

Бајден одобри испорака на противпешадиски мини 

Американскиот претседател Бајден одобри испорака на противпешадиски мини во Украина, што според Белата куќа е клучен чекор во обидот да се запре напредувањето на руските сили на фронтот. Зеленски вели дека ќе се борат со сето оружје што го имаат на располагање, но предупреди дека ќе ја загубат војната ако САД го запрат финансирањето.

„Ако тие скратат, мислам дека ќе изгубиме. Се разбира, како и да е, ќе останеме, ќе се бориме. Имаме наше производство, но не е доволно да надвладееме и мислам дека не е доволно да се преживее, но ако тоа биде американски избор, ќе одлучиме што ќе треба да направиме“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Пентагон прави калкулации

Во Пентагон се прават калкулации. Администрацијата на Бајден брза да го исполни ветувањето дадено на Киев за достава на помош пред новоизбраниот претседател Трамп ја презеде функцијата.

„Немам ништо да објавам или да потврдам во овој момент. Ќе продолжиме да ја поддржуваме Украина со различни пакети што ќе ги поддржат нејзините краткорочни и долгорочни потреби пред повлекување на претседателот“, вели Сабрина Синг, заменик-портпарол на Пентагон.

Путин е отворен за преговори

Опцијата за замрзнување на украинскиот конфликт не ѝ одговара на Русија, иако претседателот Путин е отворен за преговори, велат од Кремљ.

„Претседателот повеќепати, постојано изјавуваше дека е подготвен за контакти и преговори. Претседателот исто така рече дека некои предлози за замрзнување на овој конфликт нам нема да ни одговараат. Важно ни е да ги оствариме целите кои на сите им се подобро познати“, рече Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.

САД не гледаат причина да го приспособат својот нуклеарен став, соопшти Стејт департментот, откако Москва се закани дека употребата на оружје со долг дострел ќе ја разгори војната. Русија веќе ја ажурираше нуклеарната доктрина.

Маријана Димовска