Студентскиот дом „Пелагонија“ во лоши услови, Јаневска најави решение за проблемите
Без топла вода, со глодари, нефункционални лифтови и лоша храна – вака живеат студентите во студентскиот дом „Пелагонија“. Наместо да учат, се борат за основни услови за живот. Домот е без директор, претходниот поднел оставка, нов директор не е назначен. Министерката Јаневска најави решение за проблемите.

Некогашен симбол на квалитетно студентско сместување, денес нем сведок за катастрофалните услови во кои престојуваат студентите. Академските граѓани кои се сместени во домот „Пелагонија“ се принудени да живеат без топла вода, со глодари, нефункционални лифтови и лоша храна.
Студентите од домот „Пелагонија“ се жалат дека условите се катастрофални. Многумина од нив се принудени да загреваат вода во тенџериња, за основни хигиенски услови. Наместо да се фокусираат на образованието и постигнување академски успеси, тие се борат за основни услови за живот.
Дополнително, домот е без директор, откако претходниот поднел оставка, а нов сè уште не е назначен.
Министерката за образование и наука Јаневска најави решение за проблемите во „Пелагонија“. И таа потврди дека условите во студентскиот дом се под секое човечко достоинство.
Александра Спировска
