Македонија

Сиљановска Давкова ги прими акредитивните писма на новоименуваната канадска амбасадорка Мишел Камерон

20.11.2024 18:00

Посакувајќи ѝ добредојде на амбасадорката Камерон, претседателката Сиљановска Давкова на церемонијата на предавање на акредитивните писма изрази надеж дека за време за мандатот на амбасадорката ќе се отворат нови можности за проширување на соработката и за продлабочување на пријателството меѓу двата народа...

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Канада со седиште во Белград, Мишел Камерон.

Посакувајќи ѝ добредојде на амбасадорката Камерон, претседателката Сиљановска Давкова на церемонијата на предавање на акредитивните писма изрази надеж дека за време за мандатот на амбасадорката ќе се отворат нови можности за проширување на соработката и за продлабочување на пријателството меѓу двата народа и изрази очекување за зајакнување на врските помеѓу двете држави.

Амбасадорката Камерон ја истакна поддршката што Канада ја дава на нашата држава, истакнувајќи го партнерството во рамки на НАТО.

„Како партнери во НАТО, нашите земји работат заедно за да го надминат генерацискиот предизвик за безбедноста на Европа – и на светот“, рече амбасадорката Камерон, упатувајќи честитки за лидерската улога во НАТО, со именувањето на Македонка за заменик генерален секретар.

„Тука сум за да ги направиме нашите економии посилни преку иницијатива, претприемништво, трговија и инвестиции. Постои основа на која треба да се надградиме. Тоа го сметам за личен предизвик, можеби со помош на над сто илјади Македонци кои сега и Канада ја нарекуваат дома“, рече амбасадорката Камерон, истакнувајќи ги своите заложби за продлабочување и зајакнување на сите врски што ги обединуваат двете држави, а во функција на надградување на стратешкото партнерство, напредок на нашата држава кон Европската Унија и проширување на заедничката посветеност на безбедноста, демократијата и просперитетот.

Претседателката Сиљановска Давкова на амбасадорката Камерон ѝ посака успех во извршувањето на одговорната дипломатска мисија.