Македонија

Децата со атипичен развој од Кисела Вода ќе добиваат бесплатна стручна поддршка од Институтот за специјална едукација и рехабилитација

20.11.2024 20:02

Согласно договореното, во сензорните соби низ основните училишта во општината ќе се одвива стручна пракса на студентите и наставниот кадар од институтот, што ќе овозможи поддршка, згрижување и стручна помош за децата со атипичен развој вон наставата и во попладневните часови.

Како дел од мерките за детска и социјална заштита и заштитата на лицата со попреченост, градоначалниот Орце Ѓорѓиевски потпиша меморандум за соработка со Деканот на Филозофскиот факултет од Скопје, проф. д-р Оливер Бакрески и Институтот за специјална едукација и рехабилитација.

Согласно договореното, во сензорните соби низ основните училишта во општината ќе се одвива стручна пракса на студентите и наставниот кадар од институтот, што ќе овозможи поддршка, згрижување и стручна помош за децата со атипичен развој вон наставата и во попладневните часови.

Општина Кисела Вода е една од водечките општини  во Македонија, која максимално е посветена  во делот на детската и социјална заштита. Посебен фокус е ставен во делот на заштитата на лицата со попреченост. Во изминатиот период опремивме 6 сензорни соби во основните училишта,  реализиравме многу едукативни настани, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.

Градоначалникот додаде дека во рамките на оваа соработка ќе има стручна пракса со студентите и наставниот кадар од институтот при што ќе се користат сензорните соби кои се комплетно опремени.

Целта на оваа соработка е да им овозможиме на родителите поддршка и згрижување на децата со атипичен развој вон наставата и во попладневните часови и да им овозможиме стручна помош од страна на стручни лица, велат од општината.