НАТО

Мицкоски за Шекеринска: Немавме дилема за поддршка на кандидатурата, националните се пред партиските интереси

20.11.2024 16:10

Со Шекеринска имавме и имаме концептуални и идеолошки разлики, но Владата во ниту еден момент немаше дилеми за поддршка на нејзината кандидатура – премиерот Мицкоски со повик за единство и дијалог со опозицијата…

Разговаравме со Шекеринска, нема дилема дека треба заедно да соработуваме и да направиме сè што е во наша моќ да помогнеме на македонската Армија, а со тоа да помогнеме и за безбедноста и сето она коешто им е потребно на македонските граѓани, посочи премиерот Мицкоски.

„Повикуваме на единство и на дијалог со опозицијата, но ако тоа не го правиме на дело, а повикуваме, тогаш тоа е лицемерие. Затоа ние како Влада не само што ја поддржавме кандидатурата на Радмила Шекеринска, туку и активно разговаравме со нашите сојузници. За нас националното единство и интересите се пред и над партиските интереси и да се има Македонка за заменик- генерален секретар во најмоќната и најдобро организираната Алијанса во историјата е навистина чест“, изјави премиерот Мицкоски.

Демократската унија за интеграција оцени дека именувањето на Шекеринска за заменик на Генералниот секретар на НАТО е голем успех.

„Како партија која отсекогаш го поддржувала евроатлантскиот пат на нашата држава, ова значајно постигнување го гледаме како признание за заедничките напори на сите граѓани на Северна Македонија“, велат од ДУИ.

Социјалдемократите реагираат дека властите задоцниле со честитките за именувањето на Шекеринска.

Миле А. Ристески