Италија, Шпанија и Грција привремено ги затворија амбасадите во Киев
Амбасадите на Италија, Шпанија и Грција во Киев привремено ќе останат затворени откако американската амбасада претходно го стори истото по информации за можни масовни воздушни напади...

Амбасадите на Италија, Шпанија и Грција во Киев привремено ќе останат затворени откако американската амбасада претходно го стори истото по информации за можни масовни воздушни напади. Во украинската престолнина активирани сирени за воздушна опасност. Зеленски вели дека ќе се борат со сето оружје што го имаат на располагање, но предупреди дека ќе ја загубат војната ако САД го запрат финансирањето.
„Ако тие скратат, мислам дека ќе изгубиме. Се разбира, како и да е, ќе останеме, ќе се бориме. Имаме наше производство, но не е доволно“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Американскиот претседател Бајден одобри испорака на противпешадиски мини во Украина додека Пентагон прави калкулации и брза да ги исполни ветувањата дадени на Киев за достава на помош пред новоизбраниот претседател Трамп да ја презеде функцијата. Американскиот секретар за одбрана тврди дека и по илјада дена Путин не успеал да исполни ниту една стратешка цел.
„Путин не успеа да постигне ниту една стратешка цел. Така што тој може, секако и треба, да ја заврши оваа војна денес, но веројатно нема, ќе продолжи да ги удвојува овие ужасни одлуки што ги носи“, нагласи Лојд Остин, секретар за одбрана на САД.
Путин е отворен да разговара за договорот за прекин на огнот во Украина со Трамп, но исклучува да направи какви било големи територијални отстапки и инсистира Киев да се откаже од амбициите да се приклучи на НАТО, пренесуваат светските медиуми. Според Кремљ, замрзнување на украинскиот конфликт не и одговара на Русија.
„Претседателот повеќепати, постојано изјавуваше дека е подготвен за контакти и преговори. Претседателот, исто така, рече дека некои предлози за замрзнување на овој конфликт нам нема да ни одговараат. Важно ни е да ги оствариме целите кои на сите им се добро познати“, кажа Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
САД не гледаат причина да го приспособат својот нуклеарен став, соопшти Стејт департментот, откако Москва се закани дека употребата на оружје со долг дострел ќе ја разгори војната. Русија веќе ја ажурираше нуклеарната доктрина, а по нордиските земји и Германија издаде упатства до граѓаните како да се заштитат од потенцијални руски напади.
Бојана Крстевски
