Уставен суд

Уставен поведе постапка за Законот за солидарен данок

20.11.2024 17:13

Законот за солидарен данок на дневен ред на денешната седница на Уставниот суд. Подносителите на иницијативите тврдат дека е спротивен на Уставот и дека неговата ретроактивна примена ги нарушува правната сигурност и деловната политика на компаниите...

Уставниот суд поведе постапка за Законот за солидарен данок. Ова следува откако судиите ја разгледуваа иницијативата поднесена од Здружението за заштита од дискриминација, која оспорува член од Законот за нотаријатот. Дури 156 компании ја чекаат одлуката на Уставен. Бараат да бидат ослободени од дополнителни плаќања, но и да си ги вратат 49-те милиони евра што ги уплатиле на сметка на државата.

Не може да се менуваат правилата на сред игра, вели претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски. Тој на брифинг со новинарите кажа дека што се однесува до Законот за солидарност, ќе се поништи, укине или ќе се запре постапката.

„По мислењето на мнозинството судии, сите овие принципи се прекршени со донесувањето на Законот за солидарност. Не постои никаква гаранција дека законодавецот во случај на непредвидливи економски околности може да посегне по донесување на таков закон, што значи повреда на правната сигурност на субјектите, таква гаранција не постои“, изјави Дарко Костадиновски, претседател на Уставен суд.

Фирмите кои лани оствариле добивка треба да платат екстра данок. Откако беше усвоен Законот за солидарен данок, дополнително се оданочуваат компаниите кои оствариле промет над 10 милиони евра, а добивката била зголемена за 20% во однос на просекот од последните три години.

Стопанствениците оценуваат дека ваквото законско решение е погубно и деструктивно за бизнисот и дека со него се испраќа порака според која плаќачите на данок треба двојно да плаќаат и се на сметка на оние кои не плаќаат.

Според иницијативите, Законот стапил во сила од почетокот на ковид-кризата, без соодветен период за прилагодување, што ги довело компаниите во неповолна положба.

 

Борис Грујоски