воен конфликт

Бајден одобри испорака на противпешадиски мини на Украина, целта е да се запре рускиот пробив

20.11.2024 18:44

По ракетите, Бајден одобри испорака на противпешадиски мини за Украина. Последни обиди на администрацијата во заминување да помогне да се запре рускиот пробив на фронтот пред доаѓањето на Трамп во Белата куќа. Амбасадата на САД во Киев е затворена поради информации за можен воздушен напад. Кремљ потврди – Путин е подготвен за преговори со Трамп …

Украина за првпат истрела британски ракети „Сторм Шедоу“ на руска територија-јавуваат странски медиуми. Проектилите биле истрелани како дел од украинската офанзива во Курск, а жителите во регионот наводно пронашле фрагменти од проектилот. Во екот на тензиите неколку амбасади во Киев останаа привремено затворени по информации за можни масовни воздушни напади. Зеленски вели-ќе се бори со сето оружје што го имаат на располагање, но предупреди дека ќе ја загубат војната ако САД го запрат финансирањето.

„Ако тие скратат, мислам дека ќе изгубиме. Се разбира, како и да е, ќе останеме, ќе се бориме. Имаме наше производство, но не е доволно“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Американскиот претседател Бајден одобри испорака на противпешадиски мини во Украина додека Пентагон прави калкулации и брза да ги исполни ветувањата дадени на Киев за достава на помош пред новоизбраниот претседател Трамп да ја презеде функцијата. Американскиот секретар за одбрана тврди дека и по илјада дена Путин не успеал да исполни ниту една стратешка цел.

„Путин не успеа да постигне ниту една стратешка цел. Така што тој може, секако и треба, да ја заврши оваа војна денес, но веројатно нема, ќе продолжи да ги удвојува овие ужасни одлуки што ги носи“, изјави Лојд Остин секретар за одбрана на САД.

Путин е отворен да разговара за договорот за прекин на огнот во Украина со Трамп, но исклучува да направи какви било големи територијални отстапки и инсистира Киев да се откаже од амбициите да се приклучи на НАТО, пренесуваат светските медиуми. Според Кремљ, замрзнување на украинскиот конфликт не и одговара на Русија.

„Претседателот повеќепати изјавуваше дека е подготвен за контакти и преговори. Претседателот, исто така, рече дека некои предлози за замрзнување на овој конфликт нема да ни одговараат. Важно ни е да ги оствариме целите кои на сите им се добро познати“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.

САД не гледаат причина да го приспособат својот нуклеарен став, соопшти Стејт департментот, откако Москва се закани дека употребата на оружје со долг дострел ќе ја разгори војната. Русија веќе ја ажурираше нуклеарната доктрина, а по нордиските земји и Германија издаде упатства до граѓаните како да се заштитат од потенцијални руски напади.

 

Бојана Крстевски