Скопје

Кулминира кризата во ЈСП, превозот драстично редуциран, граѓаните со часови чекаа на постојките

20.11.2024 20:44

Кулминира кризата во ЈСП. Наместо на улица, автобуси се паркираат зашто немаат нафта. Превозот е драстично редуциран. Директорот без коментар, иако граѓаните со часови на студот чекаа на постојките. Градоначалничката обвини за смислено сценарио...

Граѓаните изреволтирани и уморни со часови чекаа на автобуските постојки да се вратат дома по секојдневните работни обврски. Но, автобуси немаше. Некои од учениците и студентите не успеале да стигнат на настава, тие што биле не можеа да се вратат. Директорот на ЈСП Кушовски без коментар за состојбата во јавниот превоз, граѓаните бараат одговорност.

Превозот редуциран, како автобусите ја трошат нафтата, така се враќаат во базите.

Возат само оние на гас и оние на кои им останала уште некоја капка гориво.

Од Град Скопје велат дека ова е смислено сценарио некој сака да го уништи и приватизира јавниот превоз, бидејќи била поништена редовната јавна набавка на гориво.

„Нова криза која го остава ЈСП без нафта, а скопјани без јавен превоз како смислено сценарио за урнисување на претпријатието. За прв пат од постоењето на претпријатието се поништи редовната јавна набавка за гориво во ЈСП“, велат од Град Скопје.

Град Скопје да не шири политикантство, туку да ги запази законските рамки-реагира Бирото за јавни набавки.

„Бирото за јавни набавки постапува професионално. Град Скопје навреме да реагира и да ги искористи законските рамки кои му стојат на располагање да се задоволат итните потреби за гориво до завршување на редовната постапка“, стои во соопштението од Биро за јавни набавки.

По кулминацијата на кризата, СДСМ иницира итна седница на Советот на Град Скопје.

 

Александра Велинова