Руско - украински конфликт

Руски напади со интерконтинентални балиситички и крстаречки ракети

21.11.2024 10:01

Почна руската одмазда. Експлозии се слушаат во Дњепар, Киев остана без електрична енергија. Украина претходно гаѓаше цели во Русија со британски проектили...

Почна руската одмазда. Москва изврши напади со интерконтинентални балиситички и крстаречки ракети – тврди украинската воздушна команда. Погоден Дњепар. Делови од Киев без струја. Нападот е одговор на украинските удари со американски и британски ракети на руска почва. САД со нова воена помош за Зеленски.

„Имаме нов пакет за поддршка од Америка вреден 275 милиони американски долари кој вклучува беспилотни летала, гранати и артилерија. И уште поважно- мини за да ги спречат руските напади на фронтот“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

Потегот на Вашингтон за испраќање противпешадиски мини наиде на остри критики од групите за човекови права. Велат, ова оружје не прави разлика меѓу цивили и борци како што налага меѓународното хуманитарно право.

„Мнозинство убиени и повредени од противпешадиски нагазни мини се цивили, приближно една третина од децата. Ова е неприфатливо оружје во очите на 164 земји кои се приклучија на меѓународната забрана за нагазни мини“, изјави Мери Вареам, заменик-директор на одделот за кризи во „Human Rights Watch“.

Вашингтон пак, тврди-мините се инертни и ќе бидат деактивни за најмногу две недели.

„Ова се мини кои ќе бидат инертни и деактивни за најмногу две недели од сега. Така што тие не претставуваат закана за цивилните заедници кога ќе се вратат во област по крајот на војната“, рече Метју Милер, портпарол на Стејт департментот.

Во екот на тензиите и најавите за поголем конфликт, Кина и Бразил со договор од шест точки за решавање на украинската криза.

„Постојано нагласувам дека не постои едноставно решение за сложено прашање. Кина и Бразил постигнаа заеднички договор за политичко решавање на украинската криза. Ја создадовме групата „Пријатели на мирот за украинската криза“, заедно со другите земји од глобалниот југ. Мора да собереме повеќе гласови кои се залагаат за мир и да овозможиме политичко решение“, рече кинескиот претседател, Си Џинпинг.

Поради последните чекори на Западот и САД, Кремљ не сака да го замрзне конфликтот на бојното поле.

 

Бојана Крстевски