Полицијата уапси 11 лица за трагедијата на железничката станица во Нови Сад
Вишото јавно обвинителство во Нови Сад денеска соопшти дека се уапсени и приведени вкупно 11 лица поради постоење основано сомнение дека се одговорни за падот на настрешницата од зградата на Железничката станица во Нови Сад...

Вишото јавно обвинителство во Нови Сад денеска соопшти дека се уапсени и приведени вкупно 11 лица поради постоење основано сомнение дека се одговорни за падот на настрешницата од зградата на Железничката станица во Нови Сад.
Според српските медиуми наводно меѓу приведените се Горан Весиќ, поранешниот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура, поранешната директорка за железничка инфраструктура Јелена Танасковиќ, нејзиниот претходник Небојша Шурлан, како и помошничката на Весиќ задолжена за железнички и интермодален транспорт, Анита Димоски.
Како што се наведува во соопштението, апсењето е извршено по прибирање и детална анализа на целата потребна документација, разговори со поголем број граѓани, а по извршеното вештачење за утврдување на причината и околностите под кои паднала настрешницата.
На 1-ви ноември 15 лица загинаа, а двајца беа тешко повредени при уривање на бетонската настрешница на железничката станица во Нови Сад. Несреќата се случи четири месеци по официјалното отворање на станицата, која беше отворена по тригодишна реконструкција.
