Србија

Уапсени 11 лица за трагедијата во Нови Сад, меѓу нив и екс-министерот Горан Весиќ

21.11.2024 11:59

Поради падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад уапсени се 11 лица, соопшти Вишото јавно обвинителство во Нови Сад...

Вишото јавно обвинителство во Нови Сад соопшти дека вкупно 11 лица се уапсени и приведени во врска со трагедијата во Нови Сад, кога при падот на настрешницата на железничката станица загинаа 15 лица, а двајца беа тешко повредени. Меѓу уапсените се министерот за градежништво Горан Весиќ, директорката на Инфарсатруктура на железниците на Србија и поранешен министер за земјоделие Јелена Танасковиќ, поранешниот директор на Инфарсатруктура на железниците Небојша Шурлан и помошник на министерот за железнички транспорт Анита Димоски.

По истрагата на 66 лица, истите се уапсени поради постоење основи на сомнение за кривичното дело Тешко дело против општата сигурност во врска со кривичното дело Непрописно и неправилно извршување градежни работи.

Поради трагедијата во Нови Сад по оставката на министерот Весиќ, вчера оставка поднесе и министерот Томислав Момировиќ.

Паралелно во Нови Сад, трет ден лидерите на опозицијата со протест и во тензична атмосфера го блокираат Судот и Обвинителството, барајќи одговорност за трагедијата и ослободување на уапсените демонстранти од протестите пред Градското собрание.

Се огласи и претседателот Вучиќ кој порача дека „воопшто не е уплашен од насилниците и дека нема да им ја даде Србија“.

„Со денови сме изложени на брутални изливи на насилство кои ги спроведуваат одредени политички фактори кај нас со поддршка на т.н. групи на медиумски притисок. А, она што ни останува нам пристојните граѓани, неврзани за политичка ориентација во државата Србија, е да веруваме во работата на државните органи и да не преземаме никакви мерки за да покажеме на улица кој е поброен, а кој е посилен, или нешто слично“, изјави Александар Вучиќ Претседател на Р. Србија.

Тој додаде дека „го трпи сиот овој терор поради притисокот наводно да се забрза Обвинителството кое одлучуваше сто пати побрзо отколку во најразвиените земји на ЕУ“.

По трагедијата во Нови Сад, уследија оставки на министрите Весиќ и Тома Моморовиќ, апсења на виновниците, тензична атмосфера и протести и блокади во Нови Сад и Белград, кои според најавите ќе продолжат и понатаму.

 

Од Белград за МТВ Оливер Бранковиќ