Песков: Русија очекува и другите земји да се обидат да спречат нуклеарен конфликт
Путин испрати предупредувачка порака до Западот истрелувајќи интерконтинентални балистички ракети во Украина, како одговор на синоќешните напади со ракетите „Сторм шедоу“ во Курск. Прстот го вперија во Вашингтон затоа што му дозволил на Киев да користи ракети доставени од Британија. Москва е подготвена да ја разгледа секоја реална мировна иницијатива за конфликтот, која ќе ги земе предвид сопствените интереси на Русија и ситуацијата на теренот.

Почна руската одмазда. Москва изврши напади со интерконтинентални балистички ракети – тврди украинската воздушна команда. Погоден Дњепар. Делови од Киев без струја.
„Експлозиите почнаа во пет часот наутро, првично не беа многу силни, а потоа следуваа уште пет навистина многу силни експлозии. Куќата се тресеше“, вели жителка на Дњепар.
Нападот е одговор на синоќешниот украински удар со британските „Сторм шедоу“ во Курск, но и неодамнешните американски ракети што паднаа во Брјанск. За ескалацијата е виновен Вашингтон-вели Кремљ. Ги повика земјите да престанат со провокативни акции за да се избегне нуклеарна војна.
„Ова е многу неодговорна позиција што ја зазеде американската администрација во заминување. Тие продолжуваат да додаваат масло на огнот на овој конфликт. Русија вложува максимални напори да спречи нуклеарен конфликт. Очекуваме и другите земји да ја заземат истата одговорна позиција без да се вклучат во провокативни дејства“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
Во истовреме, илјадници војници на НАТО тренираат со артилерија во Финска, на само 100 километри од руската граница додека САД испраќаат нова помош за Зеленски.
„Имаме нов пакет за поддршка од Америка вреден 275 милиони американски долари кој вклучува беспилотни летала, гранати и артилерија. И уште поважно-мини за да ги спречат руските напади на фронтот“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Во екот на тензиите и најавите за поголем конфликт, Кина и Бразил со договор од шест точки за решавање на украинската криза.
„Постојано нагласувам дека не постои едноставно решение за сложено прашање. Кина и Бразил постигнаа заеднички договор за политичко решавање на украинската криза. Ја создадовме групата „Пријатели на мирот за украинската криза“, заедно со другите земји од глобалниот југ. Мора да собереме повеќе гласови кои се залагаат за мир и да овозможиме политичко решение“, изјави кинескиот претседател, Си Џинпинг.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Захарова, потврди дека Москва е подготвена да ја разгледа секоја реална мировна иницијатива за конфликтот во Украина, која ќе ги земе предвид сопствените интереси на Русија и ситуацијата на теренот.
Бојана Крстевски
