Североисток

Подобри услови за пожарникарите, единиците сè уште со стари возила

21.11.2024 13:45

Нови три противпожарни возила, опрема и апликација за детекција на пожарите, добија единиците од североистокот. Но просечната старост на камионите останува над 35 години. Единиците немаат ниту скали за висококатници...

Подобри услови за работа на пожарникарите од североистокот. Три специјализирани возила за непристапни терени, опрема, и апликација за рана детекција на пожарите, добија единиците во Куманово, Ранковце, Старо Нагоричане и Липково од министерството за локална самоуправа и владата на Швајцарија. Целта е да се спречат пожарите, но и да се придонесе кон почист воздух.

„Инвестиравме 21 милион денари во набавка на три возила, подготвивме апликација која треба да послужи за рана детекција на пожарите и би требало да превенира во големи пожари во иднина. Набавена е и нова пожарна опрема“, истакна министерот за локална самоуправа.

Реконструиран е и гаражниот дел на кумановската единица. Тие се релативно добро екипирани, но возниот парк останува ист. Освен трите нови теренски возила, просечната старост на камионите е од 35 до 40 години. Единицата сè уште нема високи скали за гасење пожари во висококатници.

„Изработена е веб апликација и страница за рано пријавување и детекција на пожари што се надевам дека веќе од декември ќе работиме со неа“, истакна командирот на ТТПЕ Куманово, Деан Илиевски.

Кумановските пожарникари покриваат територија на Куманово и Липково. По потреба помогнаа и во останатите општини од североистокот.

 

Елена Георгиевска