ЈСП

Врие во ЈСП, Владата бара решение

21.11.2024 16:19

Метеж на автобуските постројки, нервоза кај граѓаните, колапс на јавниот превоз во Скопје. Автобусите на ЈСП редуцирани по улиците, голем дел во гаража. Нафта нема – велат од Јавното претпријатие. Постапката за јавна набавка на Еуродизел прекината, според Бирото за јавни набавки не се испочитувани законските процедури...

Автобусите во гаражите, граѓаните на постројките, јавниот превоз во Скопје во колапс. Дале пари за месечни билети, сега со тенок буџет секој се снаоѓа да стигне до саканата цел. Се организираат на социјалните мрежи, се превезуваат со такси, некои со надеж чекаат на постројките на ниски температури и доцнат на работа, факултет, училиште. Автобусите на ЈСП се паркирани во гаражите. Граѓаните бараат одговорност.

Финансиската полиција ќе ги испитува постапките за јавни набавки на мазут за потребите на ЈСП по налог на Државното јавно обвинителство.

Од Град Скопје прстот го вперија кон Бирото за јавни набавки. Велат смислено сценарио за уништување и приватизирање на ЈСП, бидејќи ја поништиле редовната јавна набавка. Оттаму реагираат дека биле утврдени неправилности во тендерот за дизел и управната контрола спроведена по сила на закон открила дека избраната понуда не ги исполнува условите утврдени во документацијата, за кои ЈСП гои навело како задолжителни.

Врие и меѓу вработените во ЈСП. Станува збор за тендерски дубари-велат од синдикалната организација. Добавувачот повеќе не испорачува гориво, бидејќи долговите на ЈСП се преголеми. Сообраќаат само 25-те еколошки на гас.

Закон за финансиска поддршка на градот и субвенционирање на горивото, предлагаат од опозицијата.

Не смее да се крши основното право на образование на децата, апелира министерката Јаневска. Некои од просветните работници на социјалните мрежи објавија фотографии од празни и полупразни училници.

Проблемите со јавниот сообраќај во Скопје тлеат подолг период, кулминираа со паркирање на автобусите во гаражите.

Александра Велинова