Москва упати закани кон базата на САД во Полска
Москва се закани дека американска база во Полска е на руската листа за потенцијално уништување. Во Украина русите извршија напади со интерконтинентални балистички ракети. Нукеларната реторика се погласна, Брисел обвини дека Кремљ се однесува неодговорно и се коцка со нуклеарното оружје. Кина и Бразил претставија план за крај на руско-украинскиот конфликт...

Москва ја заострува реториката откако се закани дека американска база во северна Полска за балистичка ракетна одбрана е на руската листа за потенцијално уништување. Базата во градот Реџиков во близина на Балтичкиот брег, е дел од поширокиот ракетен штит на НАТО и според Алијансата, исклучиво од одбранбен карактер.
„Со оглед на природата и нивото на заканите од таквите воени објекти на Западот, антиракетната одбранбена база во Полска одамна е додадена на листата на приоритетни цели за потенцијално уништување, што, доколку е потребно, може да се изврши со долг дострел од напредно оружје“, изјави Марија Захарова, портпаролката на руското Министерство за надворешни работи.
Од двете страни се погласно е ѕвечкањето на оружјето. Илјадници војници на НАТО се на вежби во Финска, на само 100-ина километри од руската граница.
„Вежбата „Динамичен фронт“ е навистина моќен пример за НАТО да ги направи пробите на мисијата што се потребни за да ја одбраниме нашата источна граница“, изјави Роб Алстон, корпус за брза реакција.
„Ако имаме силна војска, ќе нема потреба од војна“, изјави Оропроло Ламса, фински војник.
Во Украина Русите жестоко возвратија на користењето на британските и американските ракети од долг дострел. Извршени се напади со интерконтинентални балистички ракети. Погоден градот Днипро, додека делови од Киев останаа без струја.
„Употребија нова руска ракета. Сите карактеристики на интерконтинентална балистичка ракета. Во тек е истрагата“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
„Во последните недели видовме многу јасна ескалација од Путин и неговите сили. Владата на Обединетото Кралство е решена да продолжи да ја удвојува поддршката за Украина“, изјави Џон Хили, секретар за одбрана на Обединетото Кралство.
За ескалацијата Кремљ го впери прстот во Вашингтон. Ги повика земјите да престанат со провокативни акции за да се избегне нуклеарна војна. Од Брисел обвинија за неодговорно однесување на Москва.
„Ова е многу неодговорна позиција што ја зазеде американската администрација во заминување. Тие продолжуваат да долеваат масло на огнот на овој конфликт. Русија вложува максимални напори да спречи нуклеарен конфликт“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
„Тие се коцкаат со нуклеарното оружје. Дали навистина го мислат тоа, многу е тешко да се предвиди. Знаеме само дека тоа е неодговорно и дека претставува глобална закана, не само за стабилноста туку и за безбедноста, не само во Европа туку и во целиот свет“, изјави Петер Стано, портпарол на Европската комисија.
Во екот на тензиите и најавите за поголем конфликт, Кина и Бразил подготвија договор за решавање на украинската криза. Од Москва велат дека се подготвени да ја разгледаат секоја реална мировна иницијатива за конфликтот, која ќе ги земе предвид интересите на Русија и актуелната ситуација на теренот.
Маријана Димовска
