Руско-Украински конфликт

Путин рече дека Русија истрелала балистичка ракета со среден дострел кон Украина

21.11.2024 19:26

Остри тонови од Москва. Шефицита на руското МНР се закани дека американска база во Полска е на листа за потенцијално уништување. Руските сили почнаа одмазднички напади во Украина. Наспроти тврдењето на Киев, според американски извори, користена била конвенционална балистичка, а не интерконтинентална ракета. Нукеларната реторика се погласна.

Рускиот претседател Путин вели дека тестирале нова ракета со среден дострел во нападот врз Украина и предупреди дека Москва може да ја искористи против земјите кои му дозволиле на Киев да ги користи нивните проектили за напад.

„Сметаме дека имаме право да го користиме нашето оружје против воени објекти на оние земји кои дозволуваат нивното оружје да се користи против нашите објекти. А во случај на ескалација на агресивни дејствија, ние ќе одговориме одлучно и реципрочно. Им препорачувам на владејачките елити од оние земји кои подготвуваат планови да ги искористат своите воени контингенти против Русија, сериозно да размислат“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.

Наспроти тврдењето на Киев, и според американски извори, користена е конвенционална балистичка, а не интерконтинентална ракета. Бил погоден градот Днипро, делови од Киев останаа без струја.

„Нашиот луд сосед уште еднаш покажа како ги презира достоинството, слободата и човечкиот живот воопшто, и колку се плаши. Толку се плаши што користи нови проектили. Употребија нова руска ракета. Сите карактеристики на интерконтинентална балистичка ракета. Во тек е истрагата“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Москва претходно се закани дека американска база во северна Полска за балистичка ракетна одбрана е на руската листа за потенцијално уништување. Од двете страни се погласно е ѕвечкањето на оружјето. Илјадници војници на НАТО се на вежби во Финска, на само 100-ина километри од руската граница. За ескалацијата Кремљ го впери прстот во Вашингтон. Ги повика земјите да престанат со провокативни акции за да се избегне нуклеарна војна. Од Брисел обвинија за неодговорно однесување на Москва.

„Тие се коцкаат со нуклеарното оружје. Дали навистина го мислат тоа, многу е тешко да се предвиди. Знаеме само дека тоа е неодговорно и дека претставува глобална закана, не само за стабилноста туку и за безбедноста, не само во Европа туку и во целиот свет“, изјави Петер Стано, портпарол на Европската комисија.

Во екот на тензиите и најавите за поголем конфликт, Кина и Бразил подготвија договор за решавање на украинската криза. Од Москва велат дека се подготвени да ја разгледаат секоја реална мировна иницијатива за конфликтот, која ќе ги земе предвид интересите на Русија и актуелната ситуација на теренот.

 

Маријана Димовска