Белград

Премиерот Мицкоски во дводневна посета на Србија по повод саемот „Винска визија на Отворен Балкан“

22.11.2024 08:24

Мицкоски денеска попладне ќе има одвоени средби со претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, а потоа и со српскиот премиер, Милош Вучевиќ...

Премиерот Христијан Мицкоски, денеска и утре ќе престојува во дводневна посета во Република Србија по повод меѓународен саем за вино, храна, ракија и туризам „Винска визија на Отворен Балкан“.

Мицкоски денеска попладне ќе има одвоени средби со претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, а потоа и со српскиот премиер, Милош Вучевиќ.

Во состав на македонската делегација по повод третиот меѓународен саем ќе бидат Љупчо Димовски заменик-претседател на владата за политички систем, Иван Стоилковиќ, заменик-претседател на владата и министер за односи меѓу заедниците, Игор Јанушев, генерален секретар на владата на Република Северна Македонија, Зоран Љутков, министер за култура и туризам, Цветан Трипуновски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Горан Минчев, министер за јавна администрација и Максим Димитриевски, градоначалник на Општина Куманово.

Премиерот Мицкоски ќе има обраќање на отворањето на настанот, по што ќе следува прошетка низ саемот.

Вечерва Мицкоски и амбасадорот на Република Северна Македонија во Република Србија, Никола Тупанчевски, ќе имаат свои обраќања на македонската вечер што ќе се одржи во хотелот Хајат.

На третиот меѓународен саем за вино, храна, ракија и туризам „Винска визија на Отворен Балкан“ што се одржува во Белград од 22-24 ноември ќе бидат претставени 650 изложувачи од 38 земји.