Не стивнуваат нападите на Израел врз Газа
Состојбата е надвор од контрола, хаос владее на улиците...

Советот за безбедност на ОН денеска во Женева ќе одржи вонредна седница на која главан тема ќе биде кршењето на човековите права во Газа, откако над 650 луѓе, најмногу цивили и деца, загинаа во тринеделните судири.
Седницата се одржува по барање на Египет, посредник меѓу двете завојувани страни. И покрај тенденциите за смирување на состојбата, не престануваат жестоките напади на израелската војска. Медиумите јавуваат дека во последните неколку часа загинале 18 Палестинци, дваесетина биле ранети. Израелската војска потврди дека загинале и тројца војници.
„Израелците убиваат жени и деца, без исклучок. Каде е меѓународната заедница да ни помогне? Нашиот дом е целосно уништен, кога ќе прекине огнот?“, вели жител на Газа.
Состојбата е надвор од контрола, хаос владее на улиците. Гневен Израелец го нападнал новинарот на Би- Би- Си, кој во живо известувал за состојбата.
„Состојбата е многу лоша. Во нашата канцеларија имаше околу 30 новинари од Ал Џезаира, некои се одмораа а некои ја следеа состојбата на терен , одеднаш две експлозии ја погодија нашата канцеларија“, вели новинар на Ал Џезеира.
Американскиот државен секретар Џон Кери пристигна во Тел Авив да посредува меѓу двете страни, и покрај забраната на американските и европските авиокомпании да слетуваат на аеродромот Бен Гурион откако ракета падна во непосредна близина.
Израелскиот министер за транспорт соопшти дека аеродромот е безбеден. Палестинскиот премиер Рами Хамдала побара укинувањето на економските санкции кои Израел ги воведе за Газа да бидат составен дел од секој договор за прекин на огнот.
Марија Петковска
