Украина

Ескалира руско-украинскиот конфликт

22.11.2024 08:46

Пентагон потврди дека Русија ја нападнала Украина со нова ракета, додавајќи дека биле информирани за нападот непосредно пред лансирањето за што го известиле и Киев...

Пентагон потврди дека Русија ја нападнала Украина со нова ракета, додавајќи дека биле информирани за нападот непосредно пред лансирањето за што го известиле и Киев. Велат, не сакаат војна со Русија, но и натаму ќе ја помагаат Украина со оружје.

„Русија навистина лансираше експериментална балистичка ракета со среден дострел. Тоа секако нè загрижува. Ние не бараме војна со Русија. Она на што сме фокусирани е да продолжиме да ја поддржуваме Украина“, изјави Сабрина Синг, портпаролка на Пентагон.

Путин претходно соопшти дека ракетата со среден дострел „Орешник“ е одговор на нападите на американските и британските ракети со долг дострел потенцирајќи дека конфликтот добил елементи од глобален карактер за што го обвини Западот.

„Развојот на ракети e одговор на плановите на САД за производство и распоредување ракети со среден и помал дострел во Европа и во азиско-пацифичкиот регион. Во моментов не постои начин за спротивставување на ова оружје. Ракетите напаѓаат цели со брзина од 10 маха, што е 2,5-3 километри во секунда. Регионалниот конфликт во Украина предизвикан од Западот доби елементи од глобален карактер“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.

Зеленски, реагираше на изјавата на Путин, велејќи дека таа ја ескалира ситуацијата и ја прекршува Повелбата на ОН. Од НАТО пак, соопштија дека новата ракета нема да ги одврати од поддршката за Киев.