Уништени 70% од насадите со јаболка во Ресен
Огромни штети на јаболковите насади во преспанскиот регион по вчерашните врнежи од град. Уште еднаш отворено прашањето за осигурување на земјоделските приноси...

Град со големина на орев и јајце вчера околу 15 часот го погоди Ресен. Според првичните оценки, настрадаа околу 3.000 хектари овошни насади, каде рдодот е уништен од 30 до 100 насто.
„Според првичните информации, околу 70 проценти од овошните насади засадени со јаболка се уништени“, изјави раководителот на Подрачната единица за земјоделие, Сашо Андреевски.
„Овогодишниот јаболков род во голема мера, речиси целосно е уништен“, рече градоначалникот на Ресен, Ѓоко Стрезовски.
Град кој не се памети во последните 60 години, освен родот, ги оштети и овошките кои ќе имаат последици и во наредниот период.
„Штетите се огромни, не само за оваа година, туку и за наредните 2-3 години“, вели овоштар од Ресен.
Ова невреме уште еднаш го отвори прашањето за осигурување на јаболковите насади, поточно поволностите што ги нуди Владата, а не се користат доволно. Заменик министерот, Ванчо Костадиновски, при вчерашната посета на погодените реони, посочи дека владата ќе ги разгледа можностите да им се помогне на оштетените овоштари.
„Треба да се формира комисија од стручни лица коишто ќе излезат на терен и кои детално треба да ја утврдат висината на штетата“, нагласи заменик министерот за земјоделие, Ванчо Костадиновски.
Невремето предизвика и поплави по улиците низ градот, а оштети и автомобили.
Сандре Темелковски
