воен конфликт

Русија возврати на украинскиот напад, сирени за тревога во Украина

22.11.2024 09:31

Русија возврати на украинскиот напад. За употребата на ракети биле претходно информирани Вашингтон и Киев. Зеленски ги повика западните партнери на поостра реакција, предупредувајќи дека недостатокот на силен одговор од нив ќе биде сигнал дека руските напади се прифатливи …

Сирени за тревога и нови руски напади во Украина. Жртви во Суми. Украинскиот парламент затворен од безбедносни причини. Москва продолжува со притисокот врз Киев откако Путин потврди дека ракетата „Орешник“ е одговор на нападите на американските и британските ракети со долг дострел, потенцирајќи дека конфликтот добил елементи од глобален карактер, за што го обвини Западот. Предупреди дека американските системи за противвоздушна одбрана ќе бидат немоќни да ја запрат новата ракета.

„Развојот на ракети e одговор на плановите на САД за производство и распоредување ракети со среден и помал дострел во Европа и во Азиско-пацифичкиот Регион. Во моментов не постои начин за спротивставување на ова оружје. Ракетите напаѓаат цели со брзина од 10 маха, што е 2,5-3 километри во секунда. Регионалниот конфликт во Украина предизвикан од Западот доби елементи од глобален карактер“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.

Опасна и непромислена реторика на Путин-Пентагон со реакција по изјавите на рускиот претседател. Потврдија дека биле информирани за нападот непосредно пред лансирањето за што го известиле и Киев. Велат, не сакаат војна со Русија, но и натаму ќе ја помагаат Украина со оружје.

„Русија навистина лансираше експериментална балистичка ракета со среден дострел. Ова беше нов тип на смртоносна способност што беше употребена на бојното поле. Така секако нè загрижува. Видовме ваков тип опасна, непромислена реторика и претходно од претседателот Путин. Ние не бараме војна со Русија. Она на што сме фокусирани е да продолжиме да ја поддржуваме Украина со тоа што и е потребно“, изјави Сабрина Синг, портпаролка на Пентагон.

Зеленски вели дека Путин ја ескалира ситуацијата и ја прекршува Повелбата на ОН. Од НАТО пак, соопштија дека новата ракета нема да ги одврати од поддршката за Киев.

„Франција и Велика Британија нема да му дозволат да ги постигне своите цели. Заедно со нашите сојузници ќе ги направиме сите неопходни напори за да ја ставиме Украина во најдобра можна позиција за да постигне праведен и траен мир“, изјавија шефовите на француската и британската дипломатија во текст објавен на веб-страницата на францускиот весник „Фигаро“.

Во истовреме украинскиот амбасадор во Велика Британија и поранешен врховен командант на вооружените сили на Украина, Валериј Залужни смета дека директното учество на автократските сојузници на Русија во војната против Украина укажува дека Третата светска војна веќе почнала.

 

Бојана Крстевски